Детска соба

Магазин за архитектура, ентериери и дизајн.

Design.mk

10 март, 2016

Софистицирани детски соби во пастелни бои

7

При дизајнирањето детски соби, неопходно е да се внимава на две клучни работи – добрата координираност на функционалните зони и можноста ентериерот лесно да се менува и да се развива со детето. Два примери на софистицирани детски соби, секоја со изразена црно-бела тема, се посебно интересни во однос на својата флексибилност да се менуваат и да се прилагодуваат на потребите на младите корисници како што тие растат.

Во првата спална соба преовладува палетата на јагленоцрна, светлосива, пастелнорозова боја и завршници на природно дрво. Собата не изгледа премногу детски, сепак е исполнета со бајковита мистерија што ја бранува детската имагинација.

6

Меките кадифени материјали го заземаат центарот на вниманието и придонесуваат во постигнувањето удобна и комфорна атмосфера. Продирајќи низ слоевитите завеси, сончевите зраци ја облеваат спална соба со светлина, така што се постигнува баланс со темнообоените странични ѕидови. Неколку игривоорганизирани фотографии, натписи и принтови на мали животни, распоредени низ ѕидовите, играат важна улога во креирањето личен, индивидуален печат во собата.

1 2

Како мало и топло гнездо, плетената нишалка поставена веднаш до прозорецот е одлично место каде што детето може да се опушти и да ужива во некоја книга или во погледот низ прозорецот по долгиот училиштен ден. Едноставната работна маса, изработена од дрвена плоча, е наменета за пишување на домашните задачи, дополнително осветлена од низа ситни светилки, кои во ноќните часови одблеснуваат како небесно соѕвездие.

5

Втората спална соба, која е подеднакво едноставна и елегантна како првата, е дизајнирана за младо момче што е во потрага по авантура и игра. При првото влегување во собата, се забележува забавната животинска тематика што преовладува, геометрискиот тапет на еден од ѕидовите и минималистичката илустрација на мачка, поставена на спротивниот ѕид.

10 9

Иако собата има добро природно освелување, таа е исполената со многубројни светлечки тела, кои се далеку од традиционални по својот дизајн. Познатите висечки ламби „Random Lights“ на „Moooi“ се прикачени во близина на креветот како двојна месечина, а од белите куќички поставени на подот блеска топла неонска светлина.

Ниту една детска соба не би била целосна без место за учење и пишување на домашната работа. Иако работното биро има едноставен дизајн, тоа содржи доволно простор за складирање на училишниот прибор.

13 15

Како контраст на чистите линии и елегантниот дизајн на собата е поставен креветот со понежна форма. Неговата ниска поставеност и плишаната преслека, комбинирана со купот декоративни перничиња, го прават ова катче уште попривлечно.

11
[fb_button]

, , , ,