Индустриски дизајн

Магазин за архитектура, ентериери и дизајн.

Миркица Поповиќ

2 март, 2016

„Urban Old“, нов живот за стариот мебел

Badem - Urban Old © Design.mk

За многумина, стариот мебел од домовите или канцелариите често е еднаков на парчиња што го одработиле својот животен век, не се вклопуваат во современите трендови и поради тоа треба да завршат заборавени во магацин, запалени или фрлени како отпад. Меѓутоа две дами, Орхидеја Огњановска и Надица Кипровска, не гледаат така на работите.

За нив, старата дрвена маса или шкаф не е само безживотно парче мебел што ја завршило својата приказна и не може да се вклопи во современите енетериери. Напротив, за Огњановска и Кипровска, кои стојат зад дизајнерското студио „Urban Old“ за уникатен редизајниран и реупотребен мебел, секое старо парче мебел, особено оние што ги паметиме како дел од ентериерите на нашите баби и дедовци, мебелот покрај кои сме растеле, има можност да добие нова приказна, нов живот што ќе биде продолжение на старото поглавје. Старите парчиња мебел што поминуваат низ нивните раце и идеи доаѓаат со топла интересна приказна започната со децении претходно, приказна што нема да заврши на буниште или за огрев, туку како уникат ќе се најде во нечиј нов дом и ќе биде дел од нови убави спомени и авантури. Така, на пример, стара трпезариска маса од масивно дрво прекирена со принт од уметничкото ремек-дело на Ван Гог станува уникатно парче што може да се вклопи во отмените ентериери, комбинација од стари ногарки и дрвени полици креира нова винтиџ-комода за ентериерите со урбана нота.

Tera - Urban Old © Design.mk
Комода Terra

Со нивниот мебел се развива и пазарот на винтиџ-мебел кај нас. Иницијативата да се започне со „Urban old“, односно освежување на ликот и функцијата на стари парчиња мебел за Огњановска и Кипровска доаѓа од нивната љубов и интерес кон уникатното уредување и постојаните „Направи сам“ дизајнерски експерименти со мебел во домашниот ентериер, но и заситеноста од масовно произведениот мебел што се нуди на домашниот пазар.

„Би можело да се каже дека од нашите лични потреби се роди идејата за редизајнирање на стар мебел. Ние две сме пријателки долго време, приватно се дружиме и во слично време и двете ги уредувавме домовите. Независно една од друга, презаситени од тоа што се нуди на пазарот, баравме нешто алтернативно, купувавме и редизајниравме стар мебел. Оттука некако ни се роди идејата да преземеме иницијатива за дизајн на производи што би можеле да се пласираат на пазарот“, вели Огњановска во разговор со Design.mk

IMG_0504
Маса Blue Iris

Другата причина за да се активираат на пазарот за винтиџ-мебел е љубовта и фасцинацијата од дизајнот, уникатните форми и линиите на парчињата стари 50-60 години, кои за жал веќе не се изработуваат или би било поскапо да се изведат денес. Но, она што ги привлекува се и приказните што доаѓаат со секое парче, раскажани од претходните сопственици.

„Стариот мебел го гледаме како веќе создадена вредност, која во нашето општество, за жал, се уништува неповратно. Стравуваме дека ќе се заборават тие стари форми и линии. Се работи за квалитетно изработен мебел што се произведувал пред 50-60 години, исклучително квалитетен и интересен за работа. Сега веќе не се применуваат такви техники на изработка“, додава Кипровска.

Идејата на „Urban Old“ е да се пренесат модерните идеи и трендови на постојниот, стар мебел што многумина го чуваат во подруми или магацини, заборавен или подготвен за горење.

urban old
Елемент Vanila

Нивните парчиња варираат од романтични до винтиџ-урбани. Секое парче мебел е уникат и нема негово повторување. Хит на Design Week во Скопје каде што се претставија „Urban Old“ првпат беше прекрасната романтична маса „Бадем“, прекрасна трпезариска дрвена маса разубавена со принт од уметничката слика на Ван Гог со бадемови цветови.

„Идејата за оваа маса беше да добиеме необичен производ. Јас сум поромантичен карактер и тоа веројатно се отслика на ова парче. Интересно за неа е дека и кога е отворена и кога е затворена принтот продолжува. Ногарките се од чист орев, масата е со фантастичен квалитет“, потенцира Огњановска.

urban old badem
Маса Badem

Наспороти романтичниот карактер на Охридеја, како што потенцираат и двете, Надица е повеќе насочена кон урбаните, модерни винтиџ-парчиња и се обидува тоа да го пренесе во заедничките дизајни. Велат дека, и покрај различните интереси и стилови, сепак се отворени за компромис, дискутираат, се советуваат со цел да добијат интересен производ за  публиката.

„Секое парче ни значи, има име што му го даваме за да одговара на неговиот карактер, ништо не е случајно кај нашите изработи“, потенцираат и двете.

Креативната обработка се разликува од парче до парче. Некои парчиња остануваат цели, па се менуваат преку боја или дезени, додека, пак, други се расклопуваат и ја менуваат и формата и примената. На одредени парчиња се печати на дрво, се аплицира метал, се бојадисуваат за да добијат поромантичен лик, некои се патинираат со златна и со сребрена боја. Како што потенцираат двете, наоѓањето стари парчиња мебел кај нас сè уште е предизвик, бара многу добро истражување за да се најдат парчињата. Се надеваат да може да почнат и да увезуваат стари парчиња за да се рашири и палетата модели и стилови на мебел.

Комода Amber
Комода Amber

Особено интересни се и комодите „Tera“, „Amber“ и „Menta“ во ретромодерен стил, особено тренди низ светските ентериери.

„Низ светските ентериери и домашни и комерцијални, комодите во ретростил се особено актулени. Винтиџ-стилот е хит во моментот и особено се актуелни подинамични, колоритни модели“, објаснува Кипровска.

urvan old menta
Комода Menta

Комодите во овој стил на „Urban old“ одлично би се вклопиле во ентериери во урбан, современ и индустриски стил. Интензивните бои само придонесуваат ова уникатно парче да добие на карактер и да ги открадне погледите на гостите во домашниот ентериер. Парчињата се спојувани, од креденец, комоди и полици со други ногарки и завршени со интересни бои. Надица и Орхидеја и самите имаат уметнички разубавено неколку стари парчиња како сандакот „Lilet“, кој може да се користи за чување на постелата или, пак, на играчките во детската соба.

Целиот процес на барање на парчињата, разговорите со сопствениците, транспортот и обработката само повеќе им ја разгорува страста и желбата за креативно оживување на старите парчиња. Велат интересно им е што не се плашат дека некој друг може да го направи истото бидејќи секое парче е неповторливо.

„И кога наоѓаме исти парчиња, тие сепак во некои работи се разликуваат, дали во некој детаљ. Секоја од нас може да го направи на друг начин, секое парче е оригинално“, додаваат.

Освен на македонскиот, присутни се и на други пазари на Балканот, како косовскиот, а се пробиваат и на српскиот пазар.

IMG_0232
Креденец Provence

Она што ја поттикнува нивната работа е навиката и љубовта да се внимава на старото, да се врати традицијата на почитување на мебелот и елементите кои се имаат по дома,  традицијата на поправка и реискористување на старите елементи. На овој начин „Urban old“ придонесува и за развој и поттикнување на еко-свеста на едно пошироко ниво, инспирирајќи креативно реискористување на старите елементи, а не нивно уништување или пак горење што само креира непотребен отпад и загадување.

„Urban old“ се надеваат дека нивната креативна идеја ќе помогне да се развијат и свеста и почитта кон постарите парчиња мебел и да се развие вкусот за ретроурбаните или ретроромантичните парчиња што тие ги нудат, особено за оние заинтересирани за експериментирање во домот.

„На крајот на денот уживаме во ова што го работиме, и тоа ни е и најважно и најголем мотив да продолжиме со нашите креации“, додаваат „Urban old“.

© Design.mk
Елемент Sedef
© Design.mk
[fb_button]

, , , , , ,