Спонтаното дружење на отворени јавни простори е можеби еден од најубавите елементи на живеењето во големи градови. Студиото за урбан развој „Lugares Publicos A.C.“ го искористи овој момент и проектираше едноставна архитектонска конструкција за отворен плоштад која поттикнува поголема интеракција меѓу граѓаните и градот.Конструкцијата „Lea“ изгледа како пресечена куќарка и претставува нова јавна платформа во Мексико Сити, која поттикнува социјализација и нуди нов простор за култура и културни настапи на отворено. Куќарката е поставна на дрвена платформа и има само два транспарентни ѕидови, на кои се поставени полици исполнети со бесплатни книги за размена и различни игри за деца. Околку конструкцијата на плоштадот се поставени шарени маси и столчиња, на кои жителите од околните населби или минувачите може да одморат, да се дружат, децата да се едуцираат и играат, или пак да проследат некаков културен перформанс.Како што потенцираат авторите, просторот е инспириран од заедницата и изработен за заедницата со цел да им се понуди простор каде може да учествуваат во заеднички активности и подобро да се запознаат. Архитектонската интервенција е заснована на идејата за поголема социјализација и учество на заедницата и граѓаните во формирање активни и интересни јавни простори.