„Baukultur“ односно културата на градење како една од актуелни прашања во македонската архитектура периодов е главната тема на 19-то Биенале на македонската архитектура БИМАС. БИМАС започна вчера со отворањето на главната архитектонска изложба во Музејот на град Скопје.

На изложбата може да се погледнат идејни и реализирани архитектонски, урбанистички и ентериерни проекти. Покрај главната изложба, во рамки на БИМАС 19 ќе може да се погледне изложбата на студентски проекти од студентите по архитектура БИСТА, изложбата „Архитектонски илустрации“ на графичкиот дизајнер Зоран Кардула и изложбата на фотографии „Паралелно Скопје“ на архитектот Даниел Ѓурчиновски. Во програмата се вклучени неколку дискусии на интересни архитектонски теми, архитектонска тура низ Скопје, како и архитектонска работилница за деца. Владимир Десков, претседателот на организацискиот одбор на БИМАС 19 забележа дека една од целите на Биеналето е не само да биде хроника на архитектонското творештво, туку и да го провлече вниманието на јавноста за значењето и влајанието на архитектурата врз квалитетот на современото општество. Поттикот годинешната тема да биде „baukultur“ според Десков, е средбата во Давос годинава.

“Организацијатра на БИМАС секогаш го интензивира размислувањето за тоа која е актуелната тема во архитектурата денес. Овој пат поттик беше средбата во Давос во 2018 на која министрите за култура на државите-учеснички од целиот свет на Самитот во Давос ја усвоија декларацијата кон висококвалитетен „baukultur“ во Европа. Декларацијата ја потпишаа свесни дека сите сме соочени со истите предизвици: светска криза, не само економска, туку и културолошка и социјална криза, непропорционален развој на територии, недостаток на грижа и одговорност за животната средина, лош квалитет на градење и немање одност кон изграденото, но и непрепознавање на изграденото наследство – особено наследството од периодот на Модерната,“ потенцираше Десков.

Како што забележа, терминот „baukultur“ има две значења односно култура на градење и градење култура, две работи кои се актулени и неопходни во архитектурата, но и функционирањето на современото општество.Мартин Пановски, претседателот на Асоцијација на архитекти на Македонија на отворањето посочи дека БИМАС преку изложбата претставува позитивни примери од современата македонска архитектура. Според Пановски, Биеналето и темата култура за градење не се важни само архитектонската фела, туку за целата јавност, поради што и БИМАС цели кон тоа да отвори теми и јавна дискусија за прашања кои се и ќе бидат значајни за македонскат архитектура.Изложбите на БИМАС ќе може да се погледнат до 27 септември. Фотографии: ©Александра Алексовска