Пет креативни архитектонски проекти и решенија за јавни објекти може да се погледнат на изложбата „Бесконечна соба“ во Младинскиот Културен Центар. Поставена од група млади архитекти, изложбата прикажува проекти изработени за архитектонски конкурси во Македонија, Хрватски и Бугарија, презентирајќи ги истовремено креативните идеи на новите генерации македонски архитекти за насоките во кои може да се движи и развива современата архитектура.

Проектите се изработени од тимови од осум млади автори: Бранислава Ѓорѓевиќ Атанасовска, Елена Пазарџиевска, Нина Карангелеска Тодоровска, Марија Димитриевска, Силвија Шалева, Стефан Тодоровски, Биљана Смилеска и Никола Кунгуловски. Петте конкурсни дела за основно училиште во Скопје, ресторан во Градскиот парк, градска библиотека во Варна, студентски дом во Скопје и детска градинка во Хрватска претставуваат идеи и размислувања на архитектите за можните начини на делување во преостанатите празнини во еден современ град. Изложбата сама по себе креира невообичаено просторно доживување. Поставката е уредена во форма на речиси затворен круг, одделена од останатиот простор со полутранспарентна мрежа, додека проектите се поставени на висечки светлечки панели. На овој начин создава интересно визуелно доживување и игра на сенки меѓу посетителите во и надвор од кругот. Симболично овој круг потсетува на соба, поим кој за секого има поинакво толкување во однос на моменталната потреба. Во контекст на изложбата, собата го претставува творечкиот простор на архитектите, местото каде го создаваат и обмислуваат проектот, процес кој никогаш не е видлив за јавноста која пред себе го гледа само конечниот проект во форма на изложено или изградено дело. „Појдовна точка при конципирањето на изложбата е собата како симбол на бесконечната творечката слобода. Собата претставува тежиште на креативна енергија на авторите и креативен вакуум низ кој се испреплетуваат петте проекти“, велат авторите. „Творејќи во овој простор авторите ја омекнуваат границата помеѓу архитектонската мечта и неизбежното секојдневие. Интимната врска меѓу авторот и собата претставува прибежиште, место на инспирацијa, поттик за систематичност, дисциплина и љубопитно  истражување.“

Како што потенцираат архитектите, целта на изложбата е пошироката јавност да се запознае со овие пет архитектонски проекти за објекти од јавен карактер, но истовремено и да се покрене прашањето за тековната ситуацијата со јавните архитектонски конкурси во Македонија.„Иницијативата за поставување на една ваква современа поставка, во време кога се уште се актуелни големи градски зафати од проектот „Скопје 2014“, претставува и своевидна провокација за актуелизирање на прашањата за улогата на архитектот во општеството, за важноста и придобивките од јавните архитектонски конкурси и воопшто од дискусиите и дебатите поврзани со архитектурата,“ коментираат авторите.   „Бесконечна соба“ со темите кои ги обработува и современиот начин на кој е поставена ја симулира силната врска помеѓу архитектот и местото на создавање, актуализирајќи ги прашањата за неговата улога во општеството.Фотографии: Александра Алексовска