Објект инспириран од традиционалната македонска архитектура, но со современи архитектонски карактеристики кој се претопува во природното опкружување и креира чувство на дом далеку од дома, проектираа студентките по архитектура Симона Чингоска и Милица Савеска во рамки на 26-та Меѓународна летна школа за архитектура на Архитектонскиот факултет при УКИМ. Традиционално како и секоја година, Летната школа се одржа во манастирот Јоаким Осоговски од 1-8 јули.

Годинава студентите работеа под менторство на професорот Алеш Водопивец од Универзитето за архитектура во Љубљана, а темата на работилницата под негово и менторство на професори и асистенти од Архитектонскиот факултет во Скопје беше „Чувство за дом“.

Во продолжение проектот и описот за него од студентите Чингоска и Савеска.Задачата на работилницата „Чувство за дом“ беше да се проектира едноставен и скромен објект на локација во селото Варовиште, во близина на Осоговскиот Манастир, фокусирајќи се на психолошките и емоционалните квалитети на архитектурата поврзани со атмосферата на домот.

Работата на работилницата беше поделена во три фази. Првата фаза беше анализа на простор или место кое со своите специфични квалитети (материјали, светло, геометрија, текстури, мириси, звуци…) побудува чувство за дом. За нас, најинспиративни места, односно места кои побудуваат чувство за дом, чувство на сигурност и безбедност, беа оние места кои со нивните квалитети не’ привлекуваат да ги посетуваме одново и одново, бидејќи, чувство за дом не може да побуди место кое си го посетил само еднаш. Наредниот чекор претставуваше посета на селото Варовиште и избор на локација.

Локацијата која ја избравме се наоѓа на спротивната страна од местото каде што се позиционирани куќите. Има инспиративен поглед кон разнобојните слоеви на шумата, а нејзината поволна југоисточна ориентација нуди пријатни климатски услови. Тешко е видлива од улицата што обезбедува мир и сигурност, а стрмниот терен ја нагласува живоста на локацијата. Емоциите предизвикани од карактерот на местото овозможуваат доживување на „чувството за дом“ надвор од својот дом. Третата, последна фаза од задачата е проектирање на објект кој ќе ги вдоми сите чувства и емоции препознати во двете фази кои претходеа. Токму поради тоа, комбинирајќи ги елементите од претходните фази, за водечки термини при концептуалниот развој на проектот ги избираме термините вода, светлина и архитектура.Оддалеченоста од околните куќи во селото,  малите димензии и централниот план создаваат чувство на монументалност, кое пак, во внатрешноста е потенцирано и со централниот пристап и средишниот отвор во кровот кој пропушта светлина и вода низ двете нивоа. Овие главни карактеристики продонесоа интервенцијата да ја именуваме како „капела за душата“, бидејќи самиот објект е замислен да биде без конкретна програма во внатрешноста, а неговата единствена функција да биде токму чувствување на атмосферата создадена со комбинација на водата, светлината и нејзината рефлексија.

Анализирајќи ја традиционалната архитектура, ги извлекуваме огништето, четириводниот кров и примена на локални материјали(дрво и камен) како референци кои ќе ни служат за понатамошниот развој на проектот. Самиот објект е суптилно одвоен од теренот, пристапот кон горното ниво е обезбеден преку мост, а во приземното ниво е интегрирана карпа која е оставена во нејзината природна форма. Водејќи сметка за минимален допир со природата, самото приземно ниво е дефинирано од камени ѕидови кои оградуваат дел од природата без никаква обработка на подната површина. На горното ниво е применета лесна дрвена конструкција. Југоисточната и северозападната фасада на објектот се перфорирани, а североисточната и југозападната фасада се целосно затворени со што се насочува погледот кон живописната природа. Самата прозрачност на двете спротивставени фасади прави објектот да се претопи со природата, целата колоритност на природните дадености присутни на локацијата се видливи низ објектот. Гледајќи од улица, самиот објект е минимално видлив, а впечатокот на тоа минимално артифициелно присуство те кани да пристапиш поблиску кон него.Карактеристичниот четириводен покрив за околните куќи, во самиот објект е поставен инверзно што овозможува водата да навлегува во внатрешноста на објектот. Со оваа варијација на традиционалниот елемент се нагласува дистинкцијата дека објектот не е класична куќа за домување. Дождовните капки навлегуваат до приземното ниво кадешто има централно поставен базен во кој се собира дождовната вода, а тенките лентовидни отовори поставени на двете фасади овозможуваат продор на дифузно и директно светло кое се рефлектира во водата и создава фантастична атмосфера во внатрешноста. Горното и долното ниво не се физички поврзани преку внатрешниот простор, туку имаат само визуелна врска. Пристапот до долното ниво е преку скали кои се конзолно поставени на фасадата на објектот, а во дебелината на камените ѕидови се издлабени ниши кои служат за седење и уживање во играта на светло и сенка, така што целата внатрешност е прочистена од елементи кои би ја нарушиле експресијата на светлината.

Присуството на елементите од традиционалните куќи придонесуваат за посетителот да се почувствува како дома. Базенот кој во самиот објект е интерпретација на огниште, централен збирен простор, побудува чувство на заедништво, на безбедност, на сигурност. Тоа се чувствата кои се еквивалентни на „чувство за дом“, тоа е она што те прави да се чувствуваш дома –  надвор од својот дом. Чувствата кои ги побудува посетата на овој објект, се токму оние импресии кои ги нагласивме како емотивни искуства во првата фаза на работилницата, а природните дадености како што се водата и интергираната карпа во комбинација со експресивниот упад на светлина создаваат атмосфера која само ги потенцира тие емоционални и психолошки квалитети на архитектурата.