Вечерва во 20 часот во Домот на културата „Григор Прличев“ во Охрид ќе се отвори петтата сесија на меѓународната Летна школа за архитектура во организација на Универзитетот Американ колеџ Скопје и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј- Охрид. Петтата летна Школа свечено ќе се отвори со предавање на архитектот Деан Лах кој ќе ја претстави работата на реномираното словенечкото архитектонско студио „Енота“.Петтата сесија на Летната школа на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје ќе се одржи од 25 јуни до 2 јули. Тема на овогодинешната сесија е „Природни системи“, а школата ќе ја води Лах, кој е коосновач и партнер на љубљанското архитектонско студио „Енота“. Покрај Лах, гости на Летната школа ќе бидат и познатите архитекти Крешимир Рогина и Винко Пенезиќ од Хрватска и Јуриј Личен од Словенија. Со студентите кои ќе учествуваат на Летната школа ќе работи и тимот од Факултетот за архитектура и дизајн на Американ колеџ.На претходните сесии на Летната школа на Факултетот за архитектура и дизајн гости и тутори беа архитектите Јошихару Цукамото, Момојо Каиџима од студиото „Atelier Bow-Wow“ од Јапонија, Симон Хартман, Симон Фроменвилер и Тило Херлих од студиото „HHF Architects“ од Швајцарија, Винко Пенезиќ и Крешимир Рогина од хрватското архитектонско студио „Penezic & Rogina architects“.Летната школа претставува можност за студентите да ги надградат своите теоретски и практични знаења од архитектурата преку соработка со реномирани странски и домашни архитекти.