Загреб во октомври е центарот на клучни архитектонски збиднувања благодарение на реномираниот архитектонски симпозиум „Денови на Орис“. Меѓународниот архитектонски симпозиум годинава ќе се одржи на 13 и 14 октомбри во концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб со бројни предавања на истакнати архитекти и архитектонски студија од целиот свет.  

Дводневната архитектонска конференција се одржува од 2001 година во организација на списанието „Орис“ и архитектонското здружение „Орис Куќа на архитектурата“. На конференцијата учествуваат некои од најзначајните архитекти на светската архитектонска и културна сцена кои дискутираат на актуелни теми од архитектурата и урбанизмот.  Годинава на „Денови на Орис“ публиката ќе има можност да ги слушне излагањата на архитекти како „Atelier Bow-Wow”, реномирани јапонски архитекти кои работат еднакво на архитектонски и истражувачки проекти, индискиот архитект и урбанист Балкришна Доши, кој е добитник на Прицкеровата награда за архитектура за 2018 година, архитектите од холандското студио „NL Architects“, добитници на Мис ван дер Рое наградата, директорот на Музејот за дизајн во Лондон Дејан Суџиќ, познатиот Патрик Шумахер, директор на архитектонското студио „Zaha Hadid Architects“. На конференцијата ќе говорат и архитектире од студиото „Beals – Lyon Architects“ од Чиле, Рок Жнидаршиќ, истакнат архитект од Словенија и добитник на двете најзначајни словенски награди „Плечникови награди“, хрватскиот архитект Давор Матековиќ наградуван за станбена архитектура и хрватската архитектка Ира Пајер, творец и креативен директор на фестивалот Design District Zagreb. 
Освен тоа што конференцијата отвора дискусија за светските трендови во архитектурата, урбанизмот и дизајнот, претставува и можност за поврзување на архитектите со дел од реномираните компании во градежништвото и потенцијални инвеститори.