Збир на креативни архитектонски идеи, решенија и соништа за тоа како би можеле да изгледаат, да се развијат и функционираат градовите низ Македонија. Накусо вака би се опишала семестралната Изложба на архитектонски студија ИАС, која деновиве по 11-ти пат се одржува на Архитектонскиот факултет во Скопје. Изложбата од зимскиот семестар за академската 2017/2018 опфаќа стотици проекти на студентите по архитектура од сите академски години, кои преку проекти на различни архитектонски и урбанистички теми за конкретни и замислени простори во Скопје и низ државата ги покажуваат и своите архитектонски техники и знаења, но и своите соништа и надежи за насоките кон кои може да се движи македонската архитектура во иднина.

Темите на проектите како архитектура во природа, проектирање училишни и културни институции, проектирање винарија во центарот на Скопје, повеќесемејни станбени објекти, интервенција покрај река, пренамена на индустриски објекти се актуелни и поради тоа и дополнително предизвикувачки, поттикнувајќи ги студентите да направат темелни анализи за реални архитектонски и урбанистички проблеми со кои граѓаните низ државата се соочуваат и да понудат решенија кои би овозможиле поквалитетно живеење и подобро функционирање на градовите.  Како што посочи Огнен Марина, деканот на Архитектонскиот факултет, на отворањето на изложбата, самиот факултет и студентите имаат заедничка одговорност да покажат дека се негуваат клучните вредности на архитектурата и заеднички да работат за подобра иднина.

„Креацијата во архитектурата не е едноставна. Таа има свои барања, свои закономерности. Таа има и свои последици за кои мораме да сме свесни. Креацијата во архитектурата никогаш не е само уметничка, таа секогаш е и техничка. Креацијата не е само техничка, таа секогаш е и убава. Креацијата не е само убава, таа е и лична. Креацијата не е само лична, туку и заедничка. Денес стоиме пред своите проекти затоа што знаеме дека тоа што сме го создале и покажуваме не е само убаво, туку ќе ги содржи сите вредности на дисциплината на која и се восхитуваме со години“, истакна Марина. Големата одговорност и улога на идните генерации за создавање подобри и пофункционални градби и градови беа клучната порака на Марина кон студентите во неговиот инспиративен поздравен говор. Со фразата: „Ние сметаме на вас“, деканот на Архитектонскиот факултет недвосмислено апелираше на потребата за смели, креативни, високообразовани и одговорни идни архитекти и урбанисти кои ќе работат на подобрување на актуелната ситуација и проблеми со кои изминативе години се соочува архитектонската фела во државата. Како што потенцираше Марина, оваа изложба на архитектонски проекти и идеите презентирани преку нив, се слика не само на тоа што студентите по архитектура се денес, туку и симбол на она што ќе бидат и што ќе го создаваат и во иднина. „Дел од овие идеи можеби ќе се реализираат, голем дел од нив ќе исчезнат низ времето, завршувајќи ја својата едукативна улога. Но, верувајте дека тоа што ќе го правите во иднина ќе биде под влијание на тоа што сте го направиле денес. Тоа нема да ве дефинира и да влијае само на вас, туку и на илјадниците луѓе кои ќе живеат во вашите згради, простори, вашите градови“, додаде Марина.Работењето на проекти за предметот „Архитектонско студио“ се одржува шеста година по ред како дел од наставната програма на факултетот и овозможува дополнително надградување на знаењата и техниките на студентите, подобрување на техниките за креирање архитектонски модели, а истовремено претставува и практична подготовка за нивното работење во архитектонски студија по завршување на студиите.

Темите на архитектонските студија од актуелниот зимски семестар се моделирање на архитектонски простор по сеќавање, проектирање повеќесемејна станбена зграда во Скопје со дополнителни содржини како културни и комерцијални простори, училиште за средно образование во Крушево, интервенција покрај Вардар во Скопје, проектирање хотел во Охрид, идеи за културен простор во Крушево и проектирање нов тип на отворен пазар во Ресен, обрасци на раст со фокус на темата неприродни екологии, која разгледува поголема урбана територија на периферијата на Скопје од Автокоманда кон Стајковци, Бутел и Радишани, голем урбанизиран и зелен простор и нуди анализи и идеи како оваа територија би можела да се развива во иднина, а истовремено и да го заштити слободниот простор и зелените територии и да креира една бариера над која градот не би требало повеќе да се шири. Интересна тема и годинава е архитектура во природа, истражување на односот на човекот и природата, со фокус на проектирање објект за одмор и рекреација во парк-шумата Водно, кој ќе понуди нов вид на јавен простор за Скопје и посетителите на планината. За јавноста се интересни и идеите за архитектонско и програмско преобликување на фабриката „11 Октомври“ во Скопје како нова културна област во градот, како и темата за проектирање урбана винарија во Дебар Маало, нетипична локација за индустриски објект, со идеја за простор кој ќе може да функционира во текот на денот и да понуди содржини кои ќе се комбинација и интеракција меѓу производството на вино и задоволството и уживањето, а истовремено и ќе внимава на конкретната локација, зелениот простор односно паркот и поврзувањето со самата станбена населба. Паралелно со изложбата на проекти од архитектонските студија, беа претставени и наградени и студентските проекти работени на студентскиот конкурс на Архитектонскиот факултет и цементарницата „Усје“ на тема „Индустрија во град“, со цел обновување на фасадните површини на цементарницата. Конкурсот, како што посочи деканот на Архитектонскиот факултет е јавно демонстрирање на подготвеност на факултетот да се соочи со сите предизвици и да преземе одговорност за јавно претставување на архитектонските вредности кои ги пренесува на студентите и за кои се залага. Забележа дека преку ова подаваат рака за соработка со градежништвото и сродните индустрии, отвореност за вклучување во процесите со кои се обликува нашето секојдневие и општество, како и дека со ова факултетот потврдува дека ги цени своите студенти и смета да се подготвени за посериозни предизвици и задачи и надвор од академските клупи.Фотографии: Александра Алексовскa