На Архитектонскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје во петок се отвора изложбата на студентски проекти работени по предметот Архитектонско студио работени во зимскиот семестар од академската 2017/2018 година. Отворањето е најавено во 11 часот во големата сала на Архитектонскиот факултет.На изложбата ќе може да се погледнат архитектонски решенија на студентите по архитектура за конкретни архитектонско или урбанистичко прашање за одредена точка во Скопје или други градови низ државата, работени под менторство на професорите и асистентите на факултетот. Студентите во рамки на предметот архитектонско студио изминатиот семестар беа фокусирани на архитектонски решенија за теми како архитектура во природа со фокус на планината Водно, интегрирано домување – повеќесемејна станбена зграда во Скопје, училиште за средно образование во Крушево, хотел во Охрид, идеи за проектирање нов отворен пазар во Ресен, проектирање урбана винарија, урбанистички решенија за одредени делови во Скопје, идеи за интервенции покрај реката Вардар во Скопје, културни простори во Крушево, идеи за архитектонско и програмско преобликување на фабриката „11 Октомври“ во Скопје.
Оваа изложба претставува одлична можност да се погледнат креативните идеи и решенија на младите студенти и идни архитекти за специфични архитектонски и урбанистички проблеми во државата.

Архитектонскиот факултет изминатиот семестар значително го зголеми бројот на вонредни активности за студентите и јавноста заинтересирана за архитектура, преку организирање нови дебати и дијалози за конкретни архитектонски теми со професори и студенти, предавања на странски гости, претставување на практичната работа на архитектонски студија и идеите и достигнувањата на млади архитекти, со цел свеста за архитектурата и вреднувањето на работата на архитектонската фела да се издигне на повисоко ниво.

Фотографија: Ерина Богоева