“Човековата димензија со децении се занемарува и погрешно се адресира во однос на темата урбанистичко планирање, додека многу други проблеми како планирањето за зголемувањето на бројот на автомобили доминираат во фокусот. Дополнително, доминантните планерски идеологии, односно модернизмот, специфично го именуваат јавниот простор, пешацизмот и улогата на градскиот простор како место за среќавање со спореден приоритет.”- Јан Гел, “Градови за луѓе”

Отприлика вака звучеше почетокот на предавањето на Јан Гел во Скопје. Неговата скромна појава наспроти богатата професионална кариера и интернационално искуство зачинето со симпатичен хумор беше вовед во полемиката за градовите на 21-виот век. Презентирајќи ги своите проекти, размислувања и публикации како “Градови за луѓе” и “Како да се проучува јавниот живот”, Гел остави целокупен впечаток дека тој претставува вистински мисионер на урбаниот дизајн. Инспириран од својата сопруга-психолог, тој со години да се обидува да го намали просторот помеѓу она што е социјален простор на градот и физичкиот архитектонски простор. Целокупната негова кариера се чини дека се развива со цел да ја овозможи видливоста и можноста на луѓето да го користат градот.Гел е активен консултант за урбан дизајн и професор по урбан дизајн на Факултетот за архитектура во Копенхаген, Данска. Тој се занимава со истражувањето на јавни простори и своите заклучоци ги применува низ повеќе проекти на различни места во светот. Неговата компанија „Гел Архитекти, Консултанти за Урбан квалитет“, креативно одново ги замислува многубројните начини на кои заедниците ги користат јавните простори во градот. За Гел дизајнот секогаш започнува со анализата на просторот помеѓу објектите. Тој истакнува дека само откако ќе се создаде визија за каков јавен простор е соодветен за одредено место, може да им се даде внимание на објектите кои го опкружуваат и на кој начин тие продуктивно би комуницирале едни со други. Некои од принципите за кој тој се заложува се: животот помеѓу објектите; разбирањето на јавните простори и јавниот живот; постепените трансформации на новиот урбан развиток и размислувањето за одреден простор во различни временски периоди или како тој ги нарекува зимските простори, потсетувајќи на можноста да се користи одреден простор во текот на целата година.Студиото „Гел Архитекти“ го гради пристапот кон проектите преку создавање на пресек помеѓу општествените науки и архитектурата. Тие се фокусираат на работа со клиентите за да креираат заедничко корисни односи, од една страна кон квалитетот на животот на луѓето и од друга кон нивната изградена средина. Во почетокот на новите проекти тие поминуваат значајно време во набљудување и анализа на јавниот живот – бројат, мерат и ги проучуваат местата со нивната околина која треба да ја подобрат. Ваквиот пристап се чини дека го следи начинот на кој и самиот Гел набрзо по завршувањето на студиите по архитектура заминал со својата сопруга во Италија да истражува зошто италијанските градови се толку приспособливи и добредојдени кон луѓето кои живеат во нив. Гледајќи ги пред и потоа фотографиите од проектите на „Гел Aрхитекти“ во различни светски градови чувствуваме дека се случила вистинска урбана револуција. Автомобилите исчезнуваат или доаѓаат во втот план, пешаците и велосипедистите се повикани да откријат палета на однесувања, можности за движења и активности во одреден простор.  Секој проект се темели на верувањата на Гел дека третманот на еден град кон пешаците и велосипедистите треба да е сладок, а градот треба да е покана да се помине време во него, да биде место кое ќе посакува добредојде и ќе им дава самодоволност на луѓето да живеат во него. Тој вели: “Добриот град е како добра забава. Знаеш дека функционира кога луѓето остануваат многу подолго отколку што е неопходно бидејќи тие уживаат во него. “Како два главни проблеми на 20-тиот век тој ги истакнува модернизмот и автомобилската инвазија. Радикалноста на модернизмот, неговото негирање на постоечкиот историски контекст и поделбата на посебните функционалности во градот домување, работа, забава, е повеќеслоен проблем и закана за планирањето на градот на пешачко ниво. Последиците од сега па натаму особенп ќе се чувствуваат во брзо растечките градови кои ги користат модернистичките принципи во пристапот кон планирањето нa градот. Зголемувањето на моторниот сообраќај и изградбата на патишта која се промовира дека го намалува истиот, дополнително е проблем за градовите и го зголемува нивниот приоритет наспроти приоритетот на пешакот во градот. Само за споредба, Гел објасни како во неговиот роден град Копенхаген, неговиот десетгодишен внук може без опасност да помине 10-15 км низ градот на велосипед. Стратегијата на Копенхаген, како што потенцираше, е за неколку години да стане најдобриот град за живеење на луѓето.Во „Размерот на човекот“, филм на Андреас Далсгаард, го гледаме професорот Гел како ја документира човечката интеракција во модерните градови и дискутира дека можеме да ги градиме градовите на тој начин што ќе се земат во предвид потребите на човекот за инклузија и интимност. Данскиот архитект веќе 4 децении ја истражува антропоморфноста во градот, што е она што ги привлекува луѓето да создадат места, движење, кои елементи им влијаат да донесат одлука за движење, одмор, забава во одредено место во јавниот простор. Преку разгледување на неговите проекти во Копенхаген, Бангладеш, Кина, Нов Зеланд и Соединетите Американски држави се поставува прашањето за нашите претпоставки за модернизмот како и истражувањето за тоа кои се последиците кога луѓето ќе се земат како централниот фокус на планирањето на градот. Скапоценоста на присуството на професорот Гел во Скопје би требало да не поттикне да размислиме како индивидуалци и професионални просторни планери за кои се се можностите за новите покани за присуство во простор кои може да ги причини и нашиот град. Тоа е она на кое што тој директно не повика споделувајќи ги своите искуства и мисли.*Александра Шекутковска е урбан дизајнер и основач на колективот за урбан дизајн „TheURBCLV