Проектот „Кога зградите/просторите би зборувале“ посветен на истражувања за урбани простори денес ќе биде претставен на настанот „Попаметен град“ во галеријата „Грета“ во Загреб. Настанот опфаќа конференција, проекции, фото изложба, преку кои ќе бидат претставени целокупните активности на проектот спроведени во Скопје, Белград и Загреб. За целокупниот проект „Кога зградите би зборувале“ пред публиката во Загреб ќе говорат авторите Ивана Васева, Филип Јовановски и Дејан Ивановски.

„Кога зградите би зборувале“ е колаборативен проект кој се бави со трагите на бришење или наглата изградба на колективните локални истории, земајќи како примери конкретни градски простори – згради и нивното опкружување. Бришењето или создавањето води кон една непрепознатлива промена на локалните контексти кои влијаат на сите општествени слоеви. Програмата која се развива во Скопје, Белград и Загреб се занимава со промените во сфаќањата и делувањата во однос на историските, архитектонските, политичките и уметничките референци на одредени градски делови. Преку детална анализа на овие згради/блокови, контекстуализирани со нивната околина и историски развој, „Кога зградите би зборувале“ се однесува на тенденциите на (не)солидарност, деградација, обнова на реалноста- покажувајќи исто така кои се конфликтите во овие згради/блокови кои потенцијално отвараат процепи во генералната општествена структура.Во рамки на проектот предмет на анализа беа Железничка зграда во Скопје, комплексот на згради Белвил во Белград и фабриката „Пенкала – Мостер“ во Загреб. На проектот во периодот од октомври 2015 до септември 2017 работеа организациите ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/Скопје, „Супервизуелна“ од Белград и загребската организација  „Фрлачи на сенки“. „Кога зградите би зборувале“ е поддржан од Balkans Arts and Culture Fund (BAC).