Современ објект со минималистичка архитектура кој ќе придонесе кон чувството на зелена оаза и спокој во Градскиот парк, истовремено истакнувајќи се и претопувајќи се во природното опкружување. Вака би го опишале идејното решение на пет архитектки Паолина Милушева, Билјана Темелковска, Биљана Смилеска, Гордана Цветковска и Александра Алексовска за проектирање на повеќенаменска спортска сала „Градски Парк“ за клубот „Работнички“ во Скопје. Проектот на Милушева, Темелковска, Смилеска, Цветкоска и Алексовска учествуваше на конкурсот на Општина Центар за спортска сала која би била изградена на местото на старата сала на „Работнички“ во Градскиот парк. По завршувањето на конкурсот и процесот на селекција, идејното решение на овие пет архитектки заедно со уште два проекти беше откупено од Општина Центар.

Главната идеја на Милушева, Темелковска, Смилеска, Цветковска и Алексовска е проектирање спортски објект кој има за цел да воспостави силна врска со својата природна и урбана околина, да се вклопи во менталната мапа на граѓаните како природен дел од градското ткиво и паралелно да одговори на функционалните потреби за нов, современ спортски објект за еден од скопските спортски миленици.Градскиот парк слободно може да се нарече срцето на Скопје. Покрај тоа што е една од уникатните зелени оази на градот, паркот неуморно е и центар на огромен број културни, спортски и општествени настани. Имајќи ја во предвид клучната улога која ја има паркот, како и условите зададени на конкурсот, петте архитектки претставуваат решение кое спокојно се вклопува во природното опкружување, но истовремено е доволно интересно да претставува нов архитектонски белег во овој дел на градот. Објектот има минималистичка и правилна форма, која внесува доза смиреност во просторот и им пркоси на постоечките архитектонски градби околу паркот. Замислата е објектот да биде во бели тонови, со транспарентна обвивка, преку која природно ќе се втопи со своето опкружување.

„Водечка мисла при формалното обликување на програмската целина беше воспоставувањето на врската со поблиската околина па во таа насока, правилната и строга форма на на новопредвидениот објект треба да претставува контраст на своето опкружување преку кој, истиот би се истакнал како дистинктивна визура во опшиот пејзаж на паркот“, велат авторите во описот на проектот.Она што ја прави особено интересна оваа градба е фактот што иако навидум има тивка и ненаметлива природа, во моментите кога ќе биде центар на спортските збиднувања нејзиниот карактер, благодарение на транспаретната фасадна обвивка, се трансформира во динамичен, зрачејќи и пренесувајќи ја целата динамика на спортската игра и страсната енергија на спортските навивачи кон надворешната околина.

„Предвидената лесна и транспарентна обвивка би овозможила околината да протече и да се втопи со објектот, давајќи му етеричен и дематеријализиран карактер на истиот. Дополнително контактот со паркот, кој се остварува преку јужната фасада, е обмислен на тој начин да внатрешната содржина се ‘прелее‘ кон надвор, доближувајќи ја содржината кон околината и давајќи му на објектот одредена хуманост. Така тој повеќе не е затворен микросвет туку комуницира и егзистира заедно со својата околина“, објаснуваат авторките.
Фасадата, според проектот, би била обработена со брисолеи, кои функционално ќе овозможат соодветна заштита од сонце, но истовремено и креираат една трепетлива обвивка за објектот, која ќе се менува во зависност од сончевата изложеност. Паралелно, ваквата фасада ќе допринесе и за соодветно природно осветлување на салата и работните простории за администрацијата на клубот.Во ентериерот, инспирирано од боите на „Работнички“ доминира црвената боја, која креира динамичност и јасна поврзаност на објектот со еден од омилените градски спортски клубови. Во центарот на ентериерот се наоѓа современа сала, која може да се користи за повеќе типови спортови, но и други настани како концерти или модни ревии и гледалиште со фиксни седишта во карактеристичната црвена боја на „Работнички“. На северната, источната и западната трибина седиштата се поставени на две нивоа. На јужната трибина седиштата се на едно ниво и застануваат на висина на теренот непосредно до јужната фасада, изведена од стакло, поврзувајќи се на овој начин со надворешниот дел.

„Во тој близок контакт меѓу внатрешноста и надворешноста преку стаклената обвивка- јужната фасада се трансформира во огромен прозорец или платно за проекција на случувањата во арената“, објаснуваат авторите.Пристапот до салата е предвиден од западната страна на објектот со посебни влезови за постителите, ВИП гостите и новинарите, како и за спортистите и управата. Од приземјето преку влезниот хол посетителите можат да пристапат до меѓунивото на гледалиштето кое ја надгледува салата, и потоа да се  упатат до секоја од трибините. Во влезниот хол, во просторот под трибините се сместени гардероби и кафуле, како и простор кој може да биде организиран како мал музеј кој ја раскажува историјата и успесите на „Работнички“.

Покрај овие содржини предвидена е и продавница за сувенири за навивачите, кој функционира одделно од останатите делови. Предвидени се и соодветни простории за спортистите, канцеларии за администрацијата и менаџментот на клубот, ВИП зона и прес центар, игротека со кафуле, како и затворен паркинг на две  подземни нивоа.