Плоштадите, пешачките улици, парковите, односно јавните простори ги претставуваат највиталните и најживите места на градот, идеално создавајќи центри-катализатори на нови значења и просторни вредности. Честопати урбаните дизајнери поминуваат долги периоди анализирајќи ги главните карактеристики на јавните простори. Што е она што го прави еден јавен простор поатрактивен за граѓаните од некој друг јавен простор? Како да проектираме јавен простор на празна локација кој ќе привлекува активности, различни групи на луѓе, ќе создава нови непланирани креативни ситуации? Како да проектираме во простори каде веќе постои јавен простор, меѓутоа тој не функционира? Дали одреден простор треба да биде проектиран со едноставни елементи или да има нагласени дизајнирани форми за да биде жив простор? Потребите кои ги именува еден јавен простор, неговите физички елемнти и социјални обвивки во просторното обликување, идеално би требало да одговараат на повеќе аспекти на функционирањето на граѓаните.Јавниот простор треба во себе да го носи потенцијалот да ги вдлаби удобностите, но и активните дејствувања на луѓето, од оние пасивните како седење, одмор, консумирање пијалок и храна, до оние поактивните како држење говор, свирeње, танцување, сликање, читање..Стимулацијата на социјалните потреби на луѓето го прави јавниот простор како заштитна зона на правата на граѓаните наспроти остатокот од метрополисот. Тој е како парче остров кој ги обединува колективните права и истовремено може да потикнува доволно слобода за индивидуалното изразување. Додека за некои граѓани е доволно да постојат места каде би можеле да се одморат, да се сретнат со некого, за други јавните простори имаат дополнителна активна улога, како на пример да има размена на идеи, да се создава посебен пресек – трет простор. Активното партиципирање во самиот јавен простор може да биде преку комуникација со уличниот фронт. кој го тангира самиот простор, вариетет од можности за сретнување со други непознати минувачи, земање учество во активни спортови, како и активирање воопшто на уличниот живот. Колажот на местата во самиот јавен простор го градат и присуството на различни групи на граѓани, со различни стилови на живот, припадност во различни социјални и старосни групи. Радоста, спонтаноста и едноставно удобноста да се биде свој во просторот честопати архитектите ја изоставуваат во проектирањето со што значително се влијае на слободата на индивидуата во јавниот простор.Виталноста на местата во јавниот простор во градот и нивната животна линија, зависат од интеграцијата на различни потреби и права на корисниците во градот. Дополнително обезбедувањето и на економски бенефит за одредена група може значително да влијае на функционалноста, но и естетскиот карактер на јавниот простор. Кога зборуваме за значењето на местата во јавниот простор би можеле да ги погледнеме проектите од изборот на Environmental Design Research Association (EDRA) со „Project for Public Spaces“ кои еднаш годишно доделуваат награди „Great Place Awards“. Последните проекти кои се разгледуваа синтетизираат значителни иницијативи од граѓаните и од институциите за трансформација на веќе постоечки јавни простори во јавни простори со витални места во градот, она што во минатото „класично” се припишуваше како единечна активност на градските плоштади.За најдобар дизајн на место е избрана улицата „Маријахилфер“ во Виена, Австрија која се трансфомира од активна сообраќајница во пешачка улица. Претходно сериозно зафатениот булевар со сообраќај, една од главните шопинг дестинации, сега има сосема нов, променет карактер и е поинаку пријателски настроен кон граѓаните. Инцијативата за ваквиот развој е и фактот дека и Виена, како и повеќето градови низ светот, доживува и подржува пренаменување на сообраќајот и се поголемо ориентирање на граѓаните кон јавен транспорт, возење велосипед и одење пеш. Активирањето на општествените активности се должи на стратегијата за намалување на сообраќајот и зголемувањето на бројот на витални места во јавните простори. Спроведувањето на проектот во неколку фази со партиципативен дизајн каде граѓаните можат да земат активно учество во процесот на планирање од самиот почеток, го доближува проектот до неговите граѓани. Кога тој е завршен, граѓаните веќе се чувствуваат како дел од него.Како најдобар за планирање на место, пак, награден е проектот „MOOS – Making Our Own Space“ од Кливленд. Со поинаква стратегија од претходната во Виена, тој ги повикува и обучува учениците од основно и средно училиште да ги трансформираат своите јавни простори. Заедно со тимот од локални и национално признати архитекти и организации, оваа иницијатива користи тактики на работилници на лице место за да се изградат физички и социјални инфраструктури во колаборација со околната заедница. Работилниците кои се организираат во надворешна средина, се фокусираат на теми поврзани со сподделив, заеднички простор, инклузивен простор, инклузивни модели на донесување на одлуки во проектирањето на јавен простор, како и создавање на диверзитет на полето на дизајнот преку вклучување на различни групи на граѓани. Резултатите се исклучителни. Од една страна институциите на градот Кливленд создаваат организација која би можела да ги подржи младите во оваа иницијатива, како и самото училиште кое во моментов испитува на кој начин ваквата иницијатива би можела да стане главен дел од едукативниот курикулум. Освен што проектот е пример за како да се интегрира младината во процесот на создавање места, тој ги зголемува и напорите за градењето на заедница преку осигурувањето на витални места во јавниот простор.Различните начини на дејствување преку создавање места во јавниот простор не можат да бидат завршени, целосно формално дизајнирани простори. Нивната виталност зависи од степенот на дијалектиката која можат да ја интегрираат во себе: планирање помеѓу граѓаните и институциите, синтетизирањето на проектирани и спонтано адаптирање од граѓаните на урбаните елементи, едноставниот простор и прочистените архитектонски елементи наспроти безбројните варијанти на креативно комуницирање помеѓу луѓето. Револуцијата за граѓанските места во јавните простори може да започне од секој од нас, преку создавање на работилници со професионалци, преку конструирање средини и игриви пејсажи кои би биле корисни за целата зедница. Колкав период местата ќе бидат активни зависи пропорционално од процесот на промени и траснформации кој го дозволуваат, удобноста за граѓаните, размената, дизајнот и просторот за секој од нас да се чувствува удобно за индивидуално слободно изразување.*Александра Шекутковска е урбан дизајнер и основач на колективот за урбан дизајн „TheURBCLV