Деновиве во Скопје може да се погледне архитектонската изложба „Македонски архитектонски атлас“ посветена на модерното македонско архитектонско творештво и потребата за негово поголемо вреднување и сочувување. Изложбата поставена во галеријата „Ко-Ра“ во културниот центар „Кочо Рацин“ претставува сублимат од неколкугодишната обемна истражувачка работа на проф. Анета Христова и доц. Мери Батакоја од Архитектонскиот факултет во Скопје за проекти од модерната архитектура од почетокот до крајот на 20-от век, проектирани и изведени низ целата држава.На изложбата преку архитектонски модели и графички решенија, изработени со помош на студентите на Архитектонскиот факултет, се претставени над 70 архитектонски проекти во Македонија, кои ги опфаќаат почетокот на модернизацијата и модернизмот, периодот на систематска модернизација, воспоставувањето институционална рамка на модерната архитектура и модерната и постмодерната архитектонска продукција. Посетителите имаат можност да видат импресивни макети на дел од најзначајните архитектонски дела како Македониумот во Крушево на архитектите Искра и Јордан Грабулоски, објектот НИП Нова Македонија на архитектот Благоја Колев, Театарот на народности во Скопје проектиран од Вера Ќосева, гимназијата Никола Карев проект на Јанко Константинов, Музејот на современа уметност проектиран од група полски архитекти и ред други дела кои потсетуваат на бисерите на модерната архитектура во Македонија. Изложбата, која ги претставува анализите и истражувањата на Христова, Батакоја и студентите од Архитектонскиот факултет, креира еден вид мапа или атлас, како што е именувана, на огромен број значајни архитектонски дела низ државата разгледувајќи ги од различни аспекти како начинот на проектирање и автентичниот архитектонски јазик и мисла на конкретниот автор, но и дава поглед кон тоа како во 20-от век идеите за модерната архитектура и архитектонската креативност ги измениле, моделирале и им дале поинаков живот на градовите низ државата. „Македонски архитектонски атлас“ нема за цел носталгично да погледне кон клучните архитектонски ремек дела во државата, туку напротив да отвори нова дискусија и да го покрене гласно прашањето зошто најголем дел од овие архитектонски објекти, кои стојат рамо до рамо со светските модерни архитектонски ремек дела, тонат во заборав и целосна запоставеност. Како што потенцираше доц. Мери Батакоја  на отворањето на изложбата, целта на овој проект е да се извлече поука не само преку изучување на издвоените градби, туку од „куршлусот“ меѓу цивилизацијата и животот кои овие градби успеале да ги создадат во градовите и силите кои ги доведуваат овие зданија до работ на пропаст и заборав. Потсетувајќи на дефиницијата на архитект Живко Поповски за архитектурата како: „вештина за измислување и мајсторење, градење куќи и градови и градење и правење илузии за нив и околу нив“, Батакоја посочи дека самата изложба може да се види како илузија за македонската архитектура.

„Истренирани сме да ја разбираме илузијата во негативна смисла, сообено во академски контексти како лага, невистина. Но, во суштина тоа значи да се открие како мозокот нормално ја организира и интерпретира сетилната стимулација со цел да ја изигра востановената перцепција. Оваа изложба не’ потсетува дека ја водиме и контролираме играта на ова скопско „игралиште“ во изложбените салони и тука сме сами, еден тим кој вежба елоквенција на просторот, додека други играчи трчаат низ македонските градови, градејќи и правејќи делузии за архитектурата. Целта на сево ова е да се извлече поука, не преку изучување на издвоените градби, туку во куршлусот меѓу овие градби изложени тука, меѓу цивилизацијата и животот кој успеале да ги создадат и силите кои ги доведоа до работ на пропаста и заборавот. Каде, кога и зошто настанува овој куршлус е главното прашање кое се поставува после сите разговори за македонската архитектура“, истакна Батакоја. Авторите посочија дека целото истражување успеало да обезбеди голем број одговори и да понуди алтернативни решенија за ова прашање и дилема. Како што посочи проф. Христова проектот и изложбата целат не само кон тоа да ја опишат македонската модерна архитектонска продукција, туку и да  иницираат и стимулираат нови гледања и аспекти за модернизмот во архитектурата и неговата комплексна природа. Фотографии: Александра Алексовска