Во петок, 20 октомври во Музејот на Современа Уметност во Скопје ќе се отвори фотографската изложба со архитектонски мотиви „Затемнетиот град“ на фотограф Ерина Богоева. Богоева за „Затемнетиот град“ е инспирирана од македонската модерната и бруталистичката архитектура, но и нејзината сегашна состојба, запоставеност од надлежните власти и дел од јавноста. Преку нејзиното фотографско око ќе може на малку поинаков начин да се погледнат дел од ремек делата на македонската модерна архитектура и истовремено да се потсети на значајната архитектонска и културна вредност која ја имаат овие зданија не само дома, туку и во рамки на светската модерна архитектура.

Богоева вели токму фотографијата како медиум претставува можност да се изрази револт за одредени состојби во општеството. Преку изложбата таа не само што го врти фокусот кон убавината и важноста на овие ремек дела, туку и го покрева клучното прашање што се случува со нив, колку се работи на нивна презервација и гласно ја буди свеста на јавноста за конкретни проблеми, како уништувањето или паѓањето во заборав на брилијантните дела од македонската архитектура.„Фотографското око преку својот објектив најчесто го презервира моментот од животот во континуимот простор-време но, неретко преку него се изразува и револтот кон процесите кои доведуваат до изобличување на природниот тек на нештата. Во оваа наша измината деценија кога и модерната архитектура и брутализмот во градот беа окарактеризирани како некаков надминат шунд повторниот поглед кон тие историски зданија, всушност, во целост ја открива нивната импозантност.

Низ фотографиите на убавите урбани линии на брутализмот и модерноста е изразен и личниот револт што тие сега претставуваат дел од нашиот затемнет град. Овие градби нема воопшто да ги видите освен кога врз нив паѓаат сончевите зраци затоа што кон нив светлата на велеградот не се насочени. Овие уметнички правци во архитектурата од денешен аспект, всушност, во себе ја носат и историчноста и континуитетот на нацијата да биде секогаш во чекор со светскиот архитектонски светоглед,“ вели Богоева за изложбата.

Изложбата „Затемнетиот град“ е дел од поширок истражувачко-фотографски проект на Богоева кој е започнат во 2012 година и има за цел и понатаму да ја следи архитектонската скулптура на територијата на Македонија.  Во овој дел на на проектот ќе бидат изложени фотографии од архитектонските скулптури на архитектите Јанко Константинов, Георги Константиновски, Славко Брезовски, Едвард Равникар, Марко Мушич и други.Изложбата е дел од проектот „Нов културен бран 2017“ помогнато од Министерството за култура на Македонија.

„Затемнетиот град“ е четврта самостојна изложба на Богоева, која повеќе од една деценија се занимава со фотографија. Во 2016 таа имаше две самостојни фото-изложби „Животот на улиците во Европа“ во изложбениот простор на ЕУ Инфо Центарот како дел од програмата на Денот на Европа и изложбата „Небото над Скопје“, во склоп на манифестацијата Бела Ноќ, во Скопје. Третата самостојна изложба Ерина ја има во март 2017 година во кафулето Wanderlust во Скопје, под наслов “Четири годишни времиња и малку љубов“.