„Станбени куќи на коси терени“ е една од темите кои ги обработуваа студентите по архитектура на Архитектонскиот Факултет во Скопје во рамки на предметот „Архитектонско студио“ во летниот семестар оваа академска година. На АФС вчера се отвори изложбата на студентски проекти по преметот, на која се претставени студентски решенија и идеи за конкретни архитектонски и урбанистички теми и проблеми.

Студентите Дорина Идризи и Дрилон Мустафи во рамки на предметот работеа на темата „Станбени куќи на коси терени“ и понудија свое решение за проектирање на осум станбени единици со современа архитектура, кои ќе понудат удобно современо домување.

Повеќе за проектот од описот на авторите.Тема: Станбени куќи на коси терени

Автори: Дрилон Мустафи и Дорина Идризи

Педагошки тим: Проф. д-р Минас Бакалчев, Проф. д-р Саша Тасиќ, Викторија Богданова, Александар Петановски и Гордан Петров.

Локација: Кочани

Година: 2017/2018

Опис од авторите:

Идејата за современи резиденцијални објекти, кои ги именувавме како „Purple Residences“, произлезе од зададената тема за проектирање станбени куќи на коси терени. Станбените објекти се лоцирани во традиционалниот дел на Кочани.

Главната тематика на проектот е проектирање на неколку резиденции на терен под косина (по удолнина), терен што создава дополнителни креативни и практични проектантски предизвици покрај креативниот предизвик за проектирање на современ простор за домување. Проектот предвидува осум волумени на еден простор, кои ќе функционираат независно еден од друг. Секој од осумте волумени е распореден на една конкретна градежна површина. Начинот на кој се распоредени создава серија од осум поединечни и една заедничка градина за идните станари.Секоја од осумте станбени единици е замислена и проектирана во ист современ и минималистички уреден простор од удобни 100 м2. Три од станбените единици се предвидени за двочлено семејство, три единици за четири члена, додека пак останатите две за поголемо, шестчлено семејство.Нашата идеја беше да се обидеме да создадеме дом во кој идните станари ќе може да уживаат во секоја од различните простории за различни станбени потреби, прилагодувајќи се на секој различен животен стил и потреби. Распоредот на просторот е слободен, лесно се преминува од дневната до трпезаријата и сите останати простории според потребите за домување.Проектот е именуван симболично како „Purple Residences“,  бидејќи, покрај природните бои на бетонот, керамиката и зеленилото – кои доминираат во минималистички уредениот простор – единствената боја која ја нарушува  монотонијата  е виолетовата, искористена да внесе енергија во одредени делови во секоја од станбените единици.