Барањето современи архитектонски зданија во Прага не е лесна работа. Градот воодушевува со својата стара архитектура, објектите во барок, готски и ренесансен стил, меѓутоа заинтересираните за современа архитектура, покрај „Dancing House“ на Френк Гери, треба да се потрудат добро да најдат нешто што ќе ги задоволи нивните истражувачки апетити.

Еден интересен пример на современа архитектура и одличен внатрешен дизајн е современата библиотека „National Technical Library“, проектирана од студиото „Projektil Architekti“. Библиотеката е дел од кампусот на технички факултети во Прага и се истакнува со својот стил и уникатност покрај постарите факултетски згради. Она што воодушевува, покрај формата и функцијата на ова современо здание, е игривиот ентериер, изведен со подови во шарени бои и со скали прекриени во илјадници цртежи, комбинација што е инспиративна за студентите што го користат просторот како втор дом додека се подготвуваат за испити.

national-technical-library-prague1

Објектот има полукружна форма со заоблена современа фасада од стакло. Архитектите при проектирањето во објектот внимавале на неколку теми и концепти, како просторот каде што е библиотеката – простран плоштад меѓу постарите факултетски згради; концептот за едукативна институција и важноста на библиотеката во современото општество – поради што, покрај шестте ката исполнети со книги, на приземјето има галериски простор и соврмено кафуле за библиотеката да се користи и од оние што не се тамошни студенти како пријатен простор за дружба во слободното време. При дизајнирањето се внимавало формата и материјалите да одговораат на современите трендови во архитектурата, а истовремено да придонесат објектот да стане нов клучен архитектонски белег во градот, како и да биде енергетски ефикасен.

national-technical-library-prague3

Зградата има три подземни ката каде што се наоѓа магацинот за книги, паркингот и споредните простории. Приземјето, првиот и вториот кат го сочинуваат влезот, лобито, конференциска и изложбена хала, мала книжарница и кафетерија. Библиотеката е отворена и за студентите на факултетите, но и за другите граѓани што бараат тивок и интересен простор за читање и за работа. Оваа отвореност е покажана преку фактот дека објектот има четири влеза, еден од секоја страна, со што секој има полесен пристап до објектот.

© Projektil Architekti

Од третиот до шестиот кат, целиот простор е прекирен во полици, книги, удобни софи, фотелји и со бироа за работа. Покрај книгите, архитектите вклопиле голем број бироа за индивидуална или групна работа, како и удобни софи на кои може порелаксирано да се учи. Ентериерот е светол од дневната светлина што продира преку стаклениот покрив на врвот на зградата. На последниот кат се распоредени и неколку затворени читални што може да се изнајмат за самостојна или групна работа и за состаноци.

© Projektil Architekti

Ентериерот има игрива индустриска нота. Доминира бетонот како главен материјал, скалите, потпорните столбови, таваните се бетонски и оставени недопрени, без архитектонска интервенција или посебна боја за ѕидовите. Ваквиот стил дава силен, динамичен изглед на просторот што наликува на бесконечен лавиринт од скали и книги.

national-technical-library-prague9

Најзабавниот дел е подот на секој од катовите на библиотеката, изведен како весело виножито од распрскани топли бои. Графичкиот дизајн и уметничкото уредување го изведе романскиот уметник Дан Перјовши. Неговите цртежи, социјални и политички пораки преку лесни форми ги исполнуваат скалите и ѕидовите на библиотеката, креирајќи непосредна и поформална атмосфера за учење и за работа.

© Projektil Architekti

Што се однесува на енергетската ефикасност, објектот има двојна фасада од стакло и ролетни панели за подобро искористување на топлината и сончевата светлина, а објектот има посебен систем за природна вентилација преку автоматско отворање на прозорците. Подот е прекриен со биту-терацо, материјал што помага да се апсорбира и да се намали бучавата во самата зграда.

national-technical-library-prague6