Инспирирани од декемвриското сонце и сјајот на новогодишните сијалички решивме годинава да влеземе во чевлите на Дедо Мраз и да поделиме новогодишни пакетчиња. Размислувавме што би бил најдобар подарок и ни светна дека можеби една од најубавите работи која годинава им се случи на Скопје и на љубителите на архитектурата беше промоцијата на книгата „На Скопје, со љубов!“, збирка есеи и интервјуа на реномираниот архитект Живко Поповски. Па, така одлучивме на тројца наши читатели да им ја подариме оваа прекрасна книга која со голема љубов ја уредија архитектите Анета Христова – Поповска и Мери Батакоја, а ја издаде издавачката куќа за уметнички книги „Private Print”.„На Скопје, со љубов!“ во фокус го става интелектуалниот ангажман на Поповски преку текстови, колумни и интервјуа кои тој ги напишал и објавил во текот на својот живот. Книгата е надополнета со негови авторски цртежи и два воведни текста од Христова – Поповска и Батакоја, кои својот архитектонски истражувачки интерес во оваа книга го имаат детално посветено на работата и идеите на овој реномиран македонски архитект. Попоски останува запаметен во современата македонска архитектонска и културна историја како авторот на објектот на „Градскиот трговски центар“ во Скопје, но и како организатор на првата изложба посветена на македонската архитектура во 1974, првото Биенале на македонска архитектура (БИМАС) во 1981 година и иницијатор на првото македонско архитектонско списание за култура на просторот „А:“. Збирката на текстови во книгата не се држи само во рамките на архитектонското, туку оди подалеку, гледајќи го градот во културолошки релации, што ја прави исклучително важна за пошироката публика. Преку текстовите Поповски се открива како свесен и критичен граѓанин, кој интелектуално го промислува градот во којшто живее и преку нив тој недвосмислено ја предава и сета своја љубов за Скопје.

Токму поради ова сметаме дека „На Скопје, со љубов!“ треба да стигне до што поширока публика, која посвесно ќе започне да го гледа и да се однесува кон градот во кој живее. Правилата за учество во ова новогодишно дарување се едноставни, потребен е лајк на Фејсбук страната на Design.mk и одговор на следното прашање:

  • Кој е еден од најзначајните архитектонски проекти на Живко Поповски, реализиран и изграден во Скопје?

Одговорот заедно со Вашето име и презиме или напишете го под Фејсбук постот за овој текст или испратете ни го на нашиот мејл [email protected]. Одговорите може да ги испраќате до 1 јануари, а тројцата добитници на книгата ќе бидат избрани по случаен избор и објавени на 3 јануари.

Среќни празници!