Националната галерија „Чифте Амам“ деновиве е нов дом на креативните студентски идеи за архитектура и дизајн. Во галеријата е поставена 8-та годишна изложба на студентски проекти на студентите по архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Изложбата претставува креативно мултимедијално сиже на сработените дела и идеи на младата генерација студенти по архитектура и дизајн од сите академски години на факултет

Студентските проекти ги претставуваат креативните и инвентивни идеи, визии и гледишта кон дизајнот и архитектурата на младите генерации архитекти и дизајнери. Професорите на факултетот на отворањето изразија задоволство од начинот на кој е изведена изложбата и делата кои се поставени, коментирајќи дека во овие тешки премрежја низ кои поминува македонската архитектура работата на младите студенти им влева надеж дека доаѓаат креативни и прогресивни архитектонски генерации.  Поставката е интересна и од аспект на содржината и нејзината разноликост, но и од аспект на начинот на кој е поставена. Концептот на инсталацијата во индустриски стил  креира контраст на старата архитектура на Чифте амам. Дел од проектите и изложбата се посветени на архивирање на старата архитектура низ државата. Особено интересна е интерактивната поставка „Отворена архива“, посветена на важни архитектонски комерцијални и станбени објекти од современата македонска архитектура. Оваа поставка опфаќа истражување, фото и графички запис за 28 објекти од 20-от век, кои полека тонат под забот на времето поради недоволна грижа за нив како архитектонски и културни споменици. Секој од објектите е претставен на креативен графички начин во форма на календар, а секој од посетителите има можност да скине лист од него, да научи нешто повеќе за објектот и со тоа да помогне да опстане во живот секој овие важни архитектонски зданија за македонската современа архитектура.  Студентската изложба може да се погледне следниве денови во просториите на Чифте Амам, а нејзиното постоење помага за афирмација на идеите на следните генерации македонски архитекти и нуди ризница од предлози за тоа како може да се постапува со старите, но и со новите објекти низ државата. 

Фотографии: Александра Алексовска