Ако деновиве „шетавте” низ социјалните мрежи веројатно наидовте на една црно-бела фотографија со креативен и привлечен „фраер” со темни модни очила во опуштена поза со скрстени раце. Кул „фраерот” е Борис Чипан,еден од најмаркатните македонски архитекти, авторот на објектот на Македонската Академија на науките и уметностите, клучно дело од македонската модерна архитектура и еден од најзаслужните за конзервацијата на прекрасната Св. Софија во Охрид.Во Музејот на град Скопје деновиве може да се погледне изложбата „Борис Чипан: По трагите на еден модернист“, посветена на неговиот професионален живот и остварувања како архитект и конзерватор на културното наследство на Македонија. Изложбата-омаж на неговата работа доаѓа неколку години по донацијата на неговите цртежи, проекти, скици и ракописи од семејството Чипан, по желба на самиот архитект и претставува уште една основа за креирање мал архитектонски музеј во рамки на самиот Музеј на град Скопје.
Архитект Чипан остави важен белег во македонската архитектура, урбанизам, архитектонска публицистика и зачувување на културното и архитектонското.наследство. До последните мигови во своите 90 години беше жесток критичар со силни ставови и изострено архитектонско око, човек кој ја разбираше потребата за современиот напредок и развој на архитектурата и беше еден од најсилните критичари на проектот кој архитектонски го обезличи Скопје. Неговото длабоко разбирање за архитектурата се чита и од фразата која тој често ја користел, како што на отворањето на изложбата посочи архитект Минас Бакалчев: „Повеќе му верувам на изградениот камен отколку на пишаниот збор“. Чипан е роден и израснат во Охрид, градот, кој како што потенцираше кураторката на изложбата Фросина Зафировска, низ целиот негов живот му бил инспирација и љубов. Љубота на Чипан кон Охрид се чита преку бројните студии и објави посветени на историјата, архитектурата и културното богатство на градот, а најмногу преку неговиот огромен напор за конзервација на црквата Св. Софија, која пред неговите напори и зафати бола во речиси разрушена состојба.

„Растев во еден град каде на секој чекор се сопнував на остатоците од историјата“, велел Чипан. Веројатно токму ова детство меѓу старата охридска архитектура ќе придонесе за неговата активна работа во конзервација на културното наследство како директор на Републичкиот завод за заштита на споменците на културата, каде е поставен неколку години по дипломирањето архитектура во Белград. Покрај конзервацијата и реставрацијата на Св. Софија во Охид, Чипан работел и на проектите за конзервација на Св. Наум, црквата Св. Пантелејмон во скопско Нерези, Даут Пашин Амам и Куршумли-ан во Скопје.Покрај грандиозниот објект на МАНУ во Скопје, за кој во 1977 е награден со највисоката архитектонска награда во Југославија, од областа на архитектонското проектирање позначајни се неговите проекти за главната автобска станица во Скопје,  студенткото летувалиште Феријален Сојуз во Охрид, судските згради во Штип, Велес и Битола, Фабриката „Фротирка“ во Делчево и голем дел индивидуални семејни куќи и станбени згради во Охрид. За неговата архитектонска, но и конзерваторска и научноистражувачка дејност е награден со високото архтектонско признание „Андреа Дамјанов“ во 1990 година, а наградуван е и со две награди за животно дело „7 Ноември“ и „11 Октомври“.

Во Музејот на град Скопје може да се погледне збирка од над 500 предмети од неговата работа како оригинални проекти, цртежи, скици, студии, белешки, фотографии, награди и ред други предмети кои ја бележат неговата важна архитектонска работа и ќе останат да сведочат за неговата упорност за зачувување на културното наследство и борбата за напредокот на архитектурата во Македонија.

Фотографии: Александра Алексовска