Социјално ангажираната архитектура, односно моќта на архитектурата да го измени начинот на кој фунционира, комуницира и се социјализира една заедница и општество се во фокусот на магистерскиот труд на архитект Маја Петковска, магистер на Архитектонскиот факултет во Скопје. Петковска анализира како преобразбата на една стара куќа во културен центар со простор за домување може да понуди решение за поквалитетен општествен и културен живот и интензивирање на социјализацијата на локално ниво.

Проектот нуди сон, визија за тоа како една сега веќе срушена стара куќа во Дебар Маало наместо да стане уште еден нов резиденцијален објект можеше со неколку архитектонски интервенции да ја задржи својата  приказна и да придонесе кон збогатување на културно-општествениот живот за жителите и посетители на Дебар Маало. Петковска со овој проект, кој како пример зема куќа изградена во 50-тите која пред две години беше срушена, потсетува дека архитектурата оди многу подлабоко од само естетски убави објекти и потсетува на нејзината моќ и влијанието кое го има како невидлива рамка на нашите животи.

Во продолжение претставуваме осврт на магистерската теза на Петковска.

Општа проблематика: Социјално ангажирана архитектура

Наслов на магистерски труд: Оживување на постоечка станбена структура со вметнување на маалски културно-социјален центар и нов тип на домување

Локација: Ул. Рузвелтова 44а, Дебар маало – Скопје

Автор: Маја Петковска

Ментор: Проф. д-р. Митко Хаџи Пуља

Апстракт:

Проблемот на сè поголемите социјални деформитети во општеството и нечувствителноста на локалната средина за потребите на жителите многумина го опишуваат како многу опасен за човештвото. Веќе подолго време човековото општество минува низ криза, денес човекот може да помине цел ден зад волан, пред компјутер или во фотелја и при тоа воопшто да не се придвижи. Имаме состојба на сè помала комуникација, сè помалку средби во живо, една тажна состојба во која нема заедничарење. Од друга страна го имаме проблемот на нечувствителноста на локалната заедница, нејзината незаинтересираност во креативно обмислување на јавниот простор со социјални содржини и случувања кои ќе ги поканат жителите да излезат од дома. Денес општината го има заборавено својот првобитен социјален ангажман и се има претворено во градежна организација која активно учествува во исчезнување на и така малку останатиот јавен простор.Вметнување на културно – социјален центар во животот на локална заедница е мој одговор на овој проблем. Замислен како реакција на поединец (група на поединци) кои веруваат во делото и неговата социолошка дејност. Нивната реакција е уметноста како средство за борба, со дело се спротивставуваат на мрзеливоста и безволието на човековото битие и се стремат кон тоа да бидат активни и вклучени чинители во локалните заедници и пошироко. Тука познатиот исказ на Достоевски “Убавината ќе го спаси светот!” се преобразува во “Уметноста ќе го спаси светот!”. Уметноста и културата стануваат нашите алатки за будење на многу заборавени вредности.

Маалскиот културно – социјален центар ќе функционира како дом, како место на припаѓање, простор каде што луѓето од заедницата би можеле да се соберат за да ги слават уметноста, науката и културата, кои преку социјалниот ангажман и взаемното образование ќе бидат обединети во содржинска творечка енергија. Место кое ќе ја покаже вербата во заедницата и генијот што лежи во секоја личност. Здружување во вакво јадро е со цел да се создаде простор отворен за среќавање и поврзување не само на локалните жители туку и на случајни минувачи, различни групи и иницијативи. Простор во кој преку креативно изразување и социјализирање се придонесува кон создавање на подобра заедница.

Целта на ова истражување е концептот на работа којшто е социјален и независен да се вметне во архитектонски простор кој ќе претставува отелотворување на неговата дејност, конкретизација на неговото постоење.

Клучни зборови:

Социјализирање; Убавина = Уметност; Преобразување; Плацента.Оживување на постоечка станбена структура

Вметнувањето на домот во постоечка семејна куќа на улица Рузвелтова 44а, која пред процесот на рушење, уметници преку осмислен настан “Еволуција на сонот!” ја насликуваат со ѕидни мурали, нуди модел на преобразба на постоечката архитектура без рушење. За жал овој проект само мисловно го сопира процесот на рушење на куќата исполнета со уметност, денес тука е никнат објект во склоп со општата наезда на владеење со општеството и капиталот. Потребата да се сочува постоечки објект не е само носталгија или романтичарска желба за сочувување спомени. Тоа е затоа што сметам дека секогаш можеме да работиме подобро со она што веќе постои, ограничувањата од постоечката архитектура стануваат предизвик за креативно обмислување на просторот, негова преобразба со додавање, надградување и функционално преклопување со постојното. Крајниот резултат на просторот е взаемно постоење и вметнување на надворешниот во внатрешниот свет.Вметнување како метод на работа се развива преку архитектонски преобразби кои се согледани преку спој на три области на истражување кои се развиваат во едно. Поаѓаме од социјалното (заедничарење со другите) како преобразувачка сила, истото понатаму го материјализираме преку концептот на сочувување на постоечки објект (порака против уништување), за да на крај да доградиме мала социјално ангажирана станбена заедница преку преклопување на надворешен и внатрешен свет (игра на полно и празно).

Водилка во пробразувачкиот концепт на ова истражување е пристапот на француските архитекти Лакатон и Васал во сочувувањето на модернистичкото домување во Франција под мотото: “Никогаш не уништувај, не отстранувај или не заменувај, секогаш додади, преобрази и повторно употреби!”

Поврзувањето на постоечкиот објект со околината е преку преобразување на фасадата во покомуникативна површина, преку пробивање на портали во рамките на прозорските отвори. Со ова внесуваме светлина и контакт во внатрешноста и истовремено го изнесуваме животот на културно-социјалниот центар надвор со што секој минувач е повикан да влезе внатре, да се вклучи во некоја активност и со себе да го изнесе искуството од прошетката или времето поминато во центарот.Архитектонските преобразби продолжуваат преку додавање на платформи по должина на фасадите. Добиените пространи простори остануваат ‘непрограмирани’, затворени со поликарбонатни панели кои можат слободно да се отвoраат од страна на корисниците. Основната замисла е да функционираат како зимски градини, кои освен што ги подобруваат термичките перформанси на објектот, ги редефинираат постојните простори за живеење преку создавање нови врски помеѓу некогашните соби и надворешноста. Користењето на овој нов простор е замислено како креативен израз на корисниците според моменталните потреби. Во еден момент просторот може да е аудиториум, во друг ателје, работен простор или едноставно зимска градина. Оваа нова додадена корисна површина значи многу, одеднаш нешто што било мала соба за живот станува простран и осветлен простор, повеќе не мора да се живее позади прозорот. Наместо прозор сега имаме портал кој не’ воведува во голем балкон (зимска градина) чија намена ја дефинираат корисниците. Ова е моментот на претопување на врската помеѓу внатре и надвор и целосно ја менува сликата на просторот.

Видот на простор што го создаваат овие ‘стаклени оранжерии’ преку употребата на нежни, лесни и прозрачни материјали е еден вид на благосостојба кога сте внатре, не ја чувствувате тежината на архитектурата. Mонументалноста од тешките и цврсти материјали е заменета со великодушност и поезија, се создава простор каде што луѓето можат да имаат некои емоции. Изгубената поетика на станбената архитектура, со преобразбите на постоечкото и додадените структури, се враќа во просторот.Нов модел на домување

Објектот и понатаму ја истражува темата на заеднички живот преку развивање на нови типологии на социјално домување. Над преобразениот објект преку додавање на дополнителни нивоа се формира нов модел на домување, во согласност со современите истражувања кои се стремат кон предлагање нови станбени решенија кои ја одразуваат општествената реалност на времето. Тоа е концепт составен од два дела: домување и социјално, и се темели на социолошките истражувања и анализи на денешните семејства и начини на социјализирање на жителите. Проектот промовира домување кое одговара на потребите на новите типови на семејни единици (самци, млади парови, осамени постари луѓе, еднородителни семејства). Имаме појава на концептот на ‘виртуелно семејство’, во кое луѓето од различни генерации кои не се во крвно сродство се однесуваат до одреден степен како семејство, преку споделување на ресурси, активности и меѓусебна социјална грижа.

Денес архитектурата на овие нови концепти на корисници им создава соодветен простор: помали станбени единици за еден до двајца корисници, вметнувањето на заеднички простории на користење (заедничка перална, кујна, трпезарија, дневен престој, работа) кои се битни места на поврзување и социјализирање. Исклучително важни се и повеќефункционалните отворени простори за одмор и комуникација, средба и работа, како и вметнување на природата во условите за домување преку формирање на заеднички мали градини и често поставување на жардињери и растенија.Обвивка = Плацента

Севкупно добиениот простор се вметнува во една надворешна обвивка – живототворна плацента. Плацентата е обвивка во која се развива плод, она во кое се живее, обвивката во чија внатрешност социо-културниот центар ќе живее и ќе се развива. Материјалното оформувањето на обвивката е со нежни и проѕирни материјали со цел да се добие мембрана која ќе обезбеди услови за одвивање на сите животни процеси, но истовремено ќе воспостави контакт со надворешната околина и ќе размени вредности со неа. Мембраната како граница вибрира, таа е пропустлива, овозможува преклопување на надворешноста и внатрешноста, на јавното и приватното. Плацентата преку нежното и проѕирно материјализирање ни кажува дека центарот не е остров сам за себе, туку е во постојано взаемно дејство со околината и не’ поканува внатре, со што соопштува моќна општествена порака: дека човекот, како општествено животно, е посилен во заедништво, а не како оттуѓена единка.Платформа за заеднички јавен живот

Партерот на локацијата на објектот, преку непостоењето на физичка граница на локацијата е простор отворен за случувања. Обмислен е како плочник – сложувалка од квадрати (1х1м) пополнети со различни материјали: плочи, палети, шљунак, зеленило. Идејата е плочникот постојано да се менува според потребите на корисниците: денес садиме зеленило, а утре поставуваме палети и правиме маалска сцена. Предниот дел од објектот преку додаденото амфитеатрално седење со блага рампа што води од ул. Рузвелтова, со предниот тревник (кој дел е општински, а дел е на локацијата) и со активниот плочник на партерот формираат една јавна сцена за дебата, за дружење, социјализирање на отворено. Тоа е продолжение на идејата на културно-социјална дејност на објектот, отворен простор за заеднички активности и живот и взаемни дејства на корисниците со минувачите. На овој начин партерот со отворениот објект станува независна социјално ангажирана културна локација, која ќе им понуди на граѓаните алтернативно дружење и взаемни активности. Јавниот живот со добри јавни простори кои покануваат да излеземе од дома се важен дел од демократскиот и исполнет живот.Заклучок:

Денес многумина го бараат исходот од прашањето: што значи да си среќен? Додека многумина филозофираат и пишуваат на оваа тема, овие социјални и културни јадра дејствително го живеат одговорот којшто почива во словенскиот збор срешта, односно средба. Да си среќен значи да се среќаваш со другите. Во средбата со другиот лежи вкупниот потенцијал на преобразувачката сила.