Во кино „Култура“ вечерва во 20 часот ќе се промовира книгата „Град без љубов“, збирка колумни на архитект Александар Петров за градот Скопје. Текстовите се посветени на Скопје и  архитектонските премрежја низ кои поминува градот во споредба со насоките во кои се развива и напредува современата архитектура низ цела Европа.„Преку нејзините хибридни мегаструктури, аеродроми и железнички станици, Европа станува град-континент, кој веќе со 60 % од својата територија е нагризан од урбаната ера. Среде таков мегаполис ќе пробам да доловам еден привид на импресивно и лично толкување на нештата преку неколку избрани европски урбани маршрути, анализирајќи ги разликите и спецификите на нивните реалности, преку кои се челичи постоечката европска структура. Проектот Скопје 2014 се зароди од една болна потсвест на единка-систем, која го поима европскиот космополизам како хаусцилација, интерпретација од недостаток на психомоторички способности. Токму таа систематика ни наметна лажна проевропска реторика, со која успеа да ни ја запечати трагедијата преку временската и формалната деформација на така сфатениот ‘барок’. Се надевам дека преку овие записи ќе го одбранам спротивното и ќе го доловам оригиналното”, вели Петров.

Петров како архитект се развива низ различни архитектонски студија во Италија, поконкретно Ѓенова и Милано.  Архитектура дипломирал на италијанскиот универзитет во Ферара, во класата на Џовани Корбелини, а потоа како стипендист на регионот Емилиа Ромања стручно се усовршува во Загреб под менторство на професорот Хрвоје Њирич. Стручн се насочува кон проектирање на инфраструктури, работел на проектот за проширување на аеродромот „Марко Поло“ во Венеција и има изедено различни архитектонски објекти во Скопје и Милано.