На 13-ти ноември во 19 часот во Музејот на Град Скопје ќе се одржи промоција на книгата „На Скопје, со љубов! – Архитектонската мисла на Живко Поповски“, посветена на делото и идеите на реномираниот македонски архитект. Ова книжево дело го приредија архитектите Анета Христова – Поповска и Мери Батакоја, а изданието е на издавачката куќа Приватен принт Скопје. За книгата, а и за делото на Живко Поповски ќе зборуваат академик Влада Урошевиќ, проф. архитект Мартин Гулевски и поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов.

Книгата преставуваа комплетна збирка на текстови, колумни и интервјуа кои архитектот Поповски ги напишал и објавил во текот на својот живот, надополнета со авторски цртежи и два воведни текста од приредувачките. „На Скопје, со љубов!“ е прва книга која во фокус го става интелектуалниот ангажман на Поповски. Збирката на текстови во книгата не се држи само во рамките на архитектонското, туку оди подалеку, гледајќи го градот во културолошки релации, што ја прави исклучително важна за пошироката публика. Преку овие текстови Поповски се открива и како свесен и критичен граѓанин, кој интелектуално го промислува градот во којшто живее. Во нив, тој недвосмислено ја предава и сета своја љубов за Скопје.

Истражувачкиот дел на проектот е реализиран со академска поддршка на Архитектонскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје и техничко-финансиска поддршка на Арт проект лаб – Скопје и Град Скопје.Во склоп на активностите за промовирање на книгата „На Скопје, со љубов!“, од 14-19 ноември во студиото на Приватен принт ќе биде поставена изложбата „Замислувајќи простор“, на која ќе бидат преставени публикации во кои се објавени архитектонски цртежи од Живко Поповски, надополнети со мултимедијални дела инспирирани од нив. Изложбата е реализирана во соработка со архитектите Мери Батакоја, Владо Данаилов и Мила Димитровска, а ќе може да се погледне конкретните денови од 12 до 19 часот.Практиката на публикување на архитектонските цртежи е акумулатор на идеи, кои се претвораат во просторни обрасци кои се помнат. Така архитектонските идеи најпрво стануваат видливи и применливи. Нивната присутност постанува дел од нашето визуелно спознавање на околината или поимање на просторот. Изложбата има за цел да ја прикаже графичката култура на презентирање на архитектонските идеи и проекти. Преку изложбата се претставува визуелниот јазик преку кој се генерираат идејни обрасци за толкување и обликување на просторот. Во фокус се поставени публикации со одбрани архитектонски цртежи на архитект Поповски и се надополнети со интерпретативни графички толкувања изработени во повеќе медиуми и од различни автори. Преку изложените публикации се проследува графичкиот јазик преку кој таа практика се изразувала: формат, печат, типографија, хартија. Дополнителните материјали, како мултимедијалните и авторски читања на цртежите, како што е и графичкото обликување на корицата на книгата „На Скопје, со љубов!“, се надоврзуваат на идејата за презентирање, мултиплицирање и меморирање на архитектонските обрасци.