Грчкиот остров Спецес летово ќе биде домаќин на работилницата MED workshop “Meeting of Design Students”, меѓународна платформа за млади архитекти и дизајнери. Работилницата која секоја година се одржува во различна држава годинава ќе се одржи на Спецес од 26.07 – 12.08, со учество на голем број студенти по архитектура и архитекти.

Темата на годинешната работилница ќе биде „Мемнисо“, а предвидено е да се работат 12 различни проекти. На работилницата се очекуваат над 200 студенти по архитектура и дипломирани архитекти. Пријавата за учество е отворена до крајот на март. Учесниците ќе имаат можност да се стекнат со искуство и нови знаења од различни области од архитектурата. Преку одбраните проекти, тимот на Мемнисо ќе се обиде да одговори на различни прашања на глобално и локално ниво поврзани со архитектурата и урбанизмот.

Грчкиот остров Спецес има богата историја, традиција и исклучителни природни убавини. Поради големата туристичка популарност на островот, тој се соочува со борба за зачувување на традицијата и вистинскиот идентитет. Мештаните се откажуваат од традиционалните професии кои се карактеристични за овој остров и се повеќе се посветуваат на нови работи во служба на растечкиот број на туристи од целиот свет.

Поради ова идејата на работилницата е да ги спои традиционалните дејности и занаети заедно со современиот пристап и дизајн, преку истражување на нови можности и изучување на техники од страна на експерти од различни области. Целта на оваа работилница не е само учењето од локалните професионалци, туку разменувањето на знаење и споделување на вештини. Проектите во фокус ќе бидат поврзани со традиционалните занаети како изградба на бродови, изработка на текстил, пчеларство,изработка на одредени делови/објекти од метал,столарија итн. Примарната цел на MEDS’19 е да се адаптира на традиционалните техники во современото размислување и да ги инспирира млади дизајнери и архитекти за нови идеи.