Блокот како основен образец за градење на градската структура историски ја доживува својата трансформација низ повеќе етапи. Давид Грахам дефинира три периоди на: блок, суперблок и мегаблок во сооднос најпрвин со метрополисот на минатото, потоа како единка на мегалополисот и “последното” во склоп на брзо растечките мегалополиси на Азија. Ваквите три степенувања се однесуваат на неговиот размер, меѓутоа може да понудат и вариетети во однос на програмата и функциите. Доколку во минатото било карактеристично да се планира во грид или на дефинирана област во градот, денеска се почесто наидуваме на проекти кои прават комбинација од сите три типа на блокови. Специфичноста на овие три обрасци станува поинаква во различни градови нудејќи дизајн потенцијали и недостатоци во однос на современото толкување на темата градски блок.Зборот „Суперблок“ е поим за многу голем комерцијален или резиденцијален блок адаптиран за сообраќај и вкрстен со пешачки патеки и пристапни патишта и влезови. Разликувајќи се во големина од 8 хектари до преку 50, со популација помеѓу 1000 и 100 000 жители, суперблоковите се просторни инструменти со социјални, културни, економски и импликации кон животната средина. Тие претставуваат дијалог помеѓу архитектонскиот размер и размерот на градот, што ги прави просторен предизвик за урбаниот дизајн. Еден значаен нов пристап во дефинирањето на Суперблокот е идејата која започнува од градот Барселона за ново реструктурирање. Во 2014, градот се соочува со неможноста да ги исполни ЕУ стандардите за чист воздух и да ги намали високите коефициенти на звучно загадување. Планирањето на Суперблоковите на Барселона всушност одговара на овие недостатоци и дополнително го вреднува пешачкото движење и живеење во градот.Моделот го користи постоечкиот образец од грид структура со блокови и предлага комбинирање на поголеми целини од 9 помали блокови во кои се ограничува моторниот сообраќај. Во дадениот полигон понатаму се дефинира нов начин на движење и користење на одредени видови на транспорт, паркингот е подземен додека горното ниво останува максимално достапно за пешачки сообраќај и јавни простори. За да се постигне оваа цел предложени се две фундаментални промени во градот: 1. модифицирање на основната патна мрежа и 2. остварување на диференцирани рути за различните видови на транспорт. Основниот концепт е да се возобнови јавниот простор кој им припаѓа на граѓаните и преку тоа да се нагласи социјалната кохезија и економската активност.Во населбата Ел Борн во Барселона веќе е имплентиран моделот на Суперблокот. Некогаш празните фронтови на фризерници, продавници за облека и вино, ресторани сега се преполни со клиенти. Во новосоздадениот градски пејсаж пешаците имаат приоритет, простор и алтернативи во целост да го доживеат своето градско постоење. Се чувствува сензибилитетот на проект кој е развиен како дијалог помеѓу профеционалци, архитекти и урбанисти и од друга страна жителите на населбата. Изгледот и функционалноста на просторите звучи како град што би го посакале насекаде, суперблокот е лабораторија на последици, можности и потенцијали. Преку дефинирањето на околу 100 места во градот каде би можеле да се имплентираат овие решенија, се развива проект за децентрализација и изедначување на приоритетите на градот за граѓаните од било која населба.Кога дискутираме за редефинирањето на урбанистичкиот мегаблок можеме да го погледнеме проектот на архитектите Саи Ма и Чонгио Ле изработен како семестрална задача на Факултетот по архитектура при Универзитетот Колумбија. Во проектот тие шпекулираат за иднината на урбанизмот на мега блокот преку концепт за Рокефелр центарот во Њујорк. Концептот претставува грид поделба во која секој засебен дел добива специфична функција. Патната мрежа наеднаш започнува да се искачува вертикално за да може луѓето да дојдат до повисоките нивоа. Интеракцијата помеѓу јавен, полу јавен и приватен простор се случува кога ригидниот простор за канцеларии се вкрстува со театар од активности.Преку проектите кои поставуваат прашања за социјалните и еколошките самоодржливи решенија кои би можеле удобно да го сместат урбанистичкиот раст се разгледуваат можностите за каква улога би можела архитектурата да има во ново оформените мегаградови. Новите и инвентивните начини за концептуализација на градските елементи меѓу кои и блокот, се значајни за развитокот на нови стратегии и територии кои би допринеле во урбаната физичка метаморфоза. Многу светски градови ги користат блоковите и мегаблоковите како директен планерски одговор на тоа како да се одговори на растот на популацијата во градовите. Од друга страна примерите на предизвиците на суперблоковите од модерната од Ле Корбизје до Лусио Коста и Оскар Нимаер се прирачник за размислување на современата улогата на блокот.Редефинирањето на дизајнот на урбаниот блок, мегаблок и суперблок во физичката метаморфоза на современото градско ткаење ја обединува потребата да се развиваат шпекулативни, но и реализирани протипови кои би предлагале самоодржливи еколошки и социјални модели за идната урбанизација. Во нив важно е да се вгради и визијата на идното повеќегодишно планирање наспроти само наоѓањето на решение за постоечкиот контекст и содржина. Размислувањето повторно за тоа што би значело мега како размер се навраќа и на премисите како формата ја следи функцијата, како формата ја следи економија, како формата ја следи социјалната обвивка на градот, како формата ја следи урбанизацијата. Во оваа смисла, вреди да се преиспитаат и постоечките обиди на блоковска организација во градовите и да се предложи нивно ремоделирање. Интервенциите на трите типа на блокови впрочем се урбан дизајн оперирање, пристап во повеќе размери од мега до микро кои само на тој начин би можеле да понудат квалитетно ветување за идниот метрополис и вреднување на првобитното планирање.

*Александра Шекутковска е урбан дизајнер и основач на колективот за урбан дизајн „TheURBCLV