За децата, местата каде може да се изолираат и да запловат во својот свет, како куќарките на дрво се волшебни простори каде се е можно. За возрасните тој детски сон и можноста да барем на кратко се исклучат од светот и уживаат малку во магијата на животот ја нуди уникатниот хотел со куќарки на дрво „Treehotel“ во Шведска, кој од неодамна има нова фасцинантна градба проектирана од норвешките архитектонски виртуози „Snøhetta“.

Среде густата борова шума во дивата шведска природа, на 10 метри над земја, се издига новата луксузна куќарка изведена од дрво, метал и стакло, која нуди прекрасен, непречен поглед кон убавините на Лапонија. Куќарката има бројни и широки прозорци и необична тераса од плетена мрежа со цел на посетителите да им овозможи речиси хедонистичко уживање во природното опкружување, среде високите борови дрвја, далеку од градот. На овој начин архитектонската градба природно се претопува во средината околу неа и се рушат границите меѓу ентериерот и екстериерот, правејќи ја куќарката дел од шумата.

Како што објаснуваат норвешките архитекти во допис за Design.mk, целото искуство со куќарката започнува од моментот кога гостите и пристапуваат од шумата. Како што се доближуваат до неа, видикот кон куќата исчезнува и се појавува неочекувана фасада која во суштина е подот на куќата. Површината на подот е покриена со голем црно-бел принт со слики од дрвја кои се протегаат кон небото. Куќарката од 55 метри квадратни се потпира на 12 потпорни столбови и има скалила и мал лифт за гостите.

Дрвото како природен материјал доминира во градбата. Куќарката е изведена според типичната норвешка архитектура, со ѕидови од дрво и даски од борови дрвја. Површината на фасадата е посебно горена со цел да се добие специфичен темен изглед, но и за полесно да се одржува. Подот во ентериерот е изведен од јасеново дрво, додека пак внатрешните ѕидови од бреза. Ентериерот е изведен во светли тонови и заедно со природната светлина која се прелева од бројните прозорци креира контраст на темниот екстериер на градбата.

Куќарката е изведена како удобен и релаксирачки дом со две спални соби, дневна и трпезарија од кои може да се ужива кон природата, модерна бања и пространа тераса. Во просторот без никакво проблем би можеле во секое време удобно да престојуваат до пет лица. Ентериерот е распореден на две нивоа, меѓу кои разликата е само 30 сантиметри. Дневната соба на пример е поставена на пониското ниво, а дневните на повисокото. Креветите се интегрирани во самиот под.

„Дизајнот на оваа градба има за цел да ги приближи луѓето и природата, рушејќи ги бариерите и ширејќи ги заедничките простории на куќарката кон ентериерот и претопувајќи ги едно во друго ентериерот и надворешниот дел“, потенцираат од „Snøhetta“ во објаснувањето за проектот.

Ентериерот е уреден во типичен скандинавски стил, минималистички и удобно. Широките прозори и едниот висок прозорец кој се протега од под до таван овозможуваат деновите кога е чисто небото, во зима да се ужива и во најфасцинантниот дар на париродата во скандинавските држави-поларната светлина, соврешната Аурора Бореалис. Гостите може да мечтаат со поглед кон ѕвезденото небо бидејќи во секоја спална соба има тавани кои се отвораат, а секоја од собите има врата која води кон терасата од плетена мрежа. Благодарение на широките прозорци, главната светлина во ентериерот е природна светлина, особено во летните денови.

„Со специфичниот ентериер и елементи од дрво и уникатната локација на врв на дрво, оваа куќарка е прослава на архитектурата на нордиската вила и убавината на боровите шуми“, заклучуваат од „Snøhetta“.

Фотографии: ©Johan Jansson