Делата и идеите на јапонскиот архитектонски гениј Тадао Андо годинава ќе бидат во фокусот на архитектонскиот симпозиум „Денови на Орис“ во Хрватска. Овој реномиран архитектонски настан, еден од најпознатите во регионот, се одржува секоја година во организација на познатото архитектонско списание „Орис“. Годинешната конференција ќе се одржи од 16-18 март во хотелот „Еxelsior“ во Дубровник.

Предавачи на конференцијата овој март ќе бидат реномираните Сoу Фуџимото, Јухани Паласма, Мароје Мрдуљаш, Карин Шерман и Лука Сканси. Изборот на предавачи претставува одраз на уредничкиот концепт на „Орис“ и се потпира на големата мрежа на соработници, која списанието ја гради повеќе од 19 години. Предавачите се избираат по принципот одржување на баланс меѓу етаблираните и новите автори, а покрај разговорите со нив и презентациите конференцијата нуди и интересна паралелна културна програма со промоции и изложби, кои нудат поглед кон актуелните случувања во светот на архитектурата.На симпозиумот ќе се промовира монографијата за Андо „Transcending Oppositions / Tadao Ando’s Recent Works“, во издание на „Орис“. Монографијата ја претставува блиската соработка на хрватското списание со великанот на современата јапонска и светска архитектонска сцена. Паралелно ќе биде отворена и изложба посветена на Андо, претставувајќи го проектот „Punta della Dogana“ во Венеција. Проектот претставува извонредна обнова на стара царинарница од 17 век, трансформирана во музеј за уметничката колекција на Фондацијата „Pinault“.

Повеќе информации за пријавувањето за учество на симпозиумот може да се најдат на сајтот на „Орис“ www.oris.hr.