Тротоарот, уличната мода и уличната храна ја чинат (не)формалната лична карта на градот. Географски тие сочинуваат различни атрибути и создаваат различни слики. Во Рио покрај плажата се простираат широки тротоари исцртани со декоративни обрасци на кои модата е лежерна, а уличната храна е во форма на брзо направени ужинки и цедени сокови. Во Бангкок целиот тротоар ја губи својата основна функција на пешачење и е испреплетен со продажба на секакви предмети, храна, евтина кинеска облека. Во Осака тротоарот е напредно регулиран и организиран со квалитетни материјали, додека минувачите се забележителни претставници на уличната мода. Преку оваа тројка дознаваме и претпоставуваме за културниот идентитет на еден град, однесување на граѓаните, нивното секојдневие, степенот на слободно однесување и изразување преку сопствениот индивидуален перформанс и вариeтетот на избори. Градските портрети кои ги чинат овие три аспекти и нивната поврзаност создаваат пресек на естетиката на градското живеење.Тротоарот како урбан елемент е мапа на културата, однесувањето и степенот на развиеност на едно општество. Како изолиран градски елемент е апстрактен, односно својата функционална и естетска вредност ја гради преку односот со елементите кои го тангираат: уличниот фронт и улицата. Пешачката циркулација која ја овозможува, широчината и пристапите, прочистеноста и заситеноста со друга урбана опрема, зеленило, денивелации, проодност и употреба на различни типови на материјали целосно го обликуваат комфорот на пешакот во урбаното ткиво на тротоарот. Физичките граници кои ги делат зоните, улиците, објектите, зеленилото и тротоарот можат да бидат “авторитативно” решени, меѓутоа тоа честопати ги прави меки за движење, тогаш ни се чини како патување низ ескалатор. Поставеноста на секој предмет и регулацијата на тротоарот, секој гест во неговото проектирање го прави знак, пејсаж и композиција во градскиот просторен естетски учебник.Џејн Џејкобс ги дефинира тротоарите како клучен и витален орган на јавните простори на еден град, повикувајќо се и на значењето на “очите на улицата”- што ги претставува и луѓето кои учествуваат во активностите на тротоарот и оние што ги набљудуваат. Квалитетните тротоари во урбаните соседства според нејзе содржат три просторни аспекти: постоењето на јасна демаркација помеѓу приватниот и јавниот простор, присуството на улични очи кои ќе ја контролираат топографијата од активности на минувачите и трето, тротоарот да се одликува со доволно континуитет на непречено движење. Набљудувањето на случувањата на тротоарите е значајно не само за самите граѓани, туку и заради тоа што тие се местата каде се движат туристите и посетителите. Сликата на луѓе кои користат активно одреден простор привлекува други луѓе, нешто што честопати урбаните планери го занемаруваат.Уличната мода е скица за слободата на индивидуите кои живеат во одреден град. Облеката и нејзините комбинации, односот кон нејзе и кон нејзината (ре)презентација зборуваат за културата и воопшто пристапот на граѓаните кон еден град. Уличната мода е огледало на одредена стилска доминација или анти-мода, став и мислење каде градот се користи двојно и како позадина и во прв план, во реципрочен однос како уметничкото дело и галерискиот простор. Слободата на изразување на своето однесување преку облекувањето во градскиот простор зборуваат и за степенот на слобода и квалитет на јавните простори. Постоењето на модни субкултури и начинот на кој тие се интегрираат и постојат во јавните простори на градот создаваат нови обвивки на разновидност и хетерогеност на урбаниот пејсаж. Присуството на различни луѓе кои изразуваат различни животни приказни и преференци ги чинат градовите поле на можности на одново создавање на индивидуите и множеството.„Фудскејпот“ на одреден град, неформално организираните тезги, комбиња, точаци кои нудат храна и нејзината естетика, текстура, тип и квалитет допринесува за урбаната „архитектоника“ заедно со уличната мода и уличниот тротоар. Во Бангкок тротоарот е плодна сцена на која на секој чекор може да се најде и да се проба деликатес од тајландската кујна, каде водачите на неформалната економија вешто ја заробуваат својата публика. Особено присутни околу транспортните постојки, ги пречекуваат патниците со различни видови на храна и ужинки, освежителни пијалоци и мали пакувања на овошје и храна. Ова е поврзано и со традицијата на означување на место на тротоарот. Искуствено интензивното физичко ткиво на градот каде се испреплетуваат уличната мода, уличната храна и самиот тротоар моделира сценарио на движење и постоење, циркулирање преку различни физички граници, премини, влезови и излези, (ре)создавање на идентитетот и градење на сценографија. Можностите на избори и однесувања кои се создаваат на тротоарите преку вклучување на уличната мода и уличната храна ја прикажуваат социо-културната сценографија на еден град. Нивната хетерогеност и функционалноста на екстремно различни ставови во јавниот простор ја отсликува слободата на едно општество и културата во еден град. Симболичната сценографија е поетичен ќилим на соништа за тоа како една индивидуа може да се осознае и одново создаде себеси како единка во склоп на целиот град или со зборовите на Џејн Џејкобс во “Смртта и животот на Големите Американски градови”: “Градовите имаат капацитет да допринесат по нешто за секого, само бидејќи и само кога се создадени од секого.”

*Александра Шекутковска е урбан дизајнер и основач на колективот за урбан дизајн „TheURBCLV