Напуштени паркинг места и парцели во градот наеднаш се претвораат во зелени, мали градини поддржани со програми за вкусување на свеж органски зеленчук и овошје, надополнети со можности да се посетат изложби, да се биде дел од работилници и пазари. Павилијони од еко материјали се градат да ја пренесат пораката на рурбаното и да ја развијат свеста за еколошкото преку активности за различни групи на граѓани. Празните покриви на зградите почнуваат да се пополнуваат и користат како зелени површини, со садење на растенија, собирање на дождовна вода, сончеви колектори. Трендот на урбаната фарма во различни форми се враќа во големите градови за да ја осигура свеста за екоживеењето, органската храна и правилната исхрана, за животот близок до природата, но и да го осознае јавниот простор директно преку зелениот рурбанизам. Враќањето кон значењата на храната во градот отвара бројни прашања за политиката на просторот, нејзиното потекло како и прашањето на идентитетот на луѓето во градот.Зелениот павилијон на Франкфурт сместен на плоштадот Гете претставува целосно расклоплива дрвена конструкција, составена од технички поткрепена сцена и голем отворен простор. Тој се користи за различни иницијативи: работилници, изложби, развивање на тимови и предавања. Самиот павилијон е дел од организацијата „Франкфуртски градини“, партиципативен проект кој има за цел да го зголеми зеленилото и зелените површини во градот. Како најголем проект за урбано градинарење во областа Хесе, тој развива различни концепти за самоодржливост и совесен пристап кон растенијата, искоритувањето на вода како и на обновливите енергии. За своите проекти организацијата ги користи „сите” оние нешта кои не му се веќе потребни на градот и делува како акупунктура низ низа на локации во Франкфурт.Зелениот павилијон на плоштадот, дело на архитектот Иан Шо, претставува и тест сцена за тоа дали просторот на плоштадот може да функционира и како јавен простор со специфични функции и места-создавачи, отколку само како отворен простор. Во Франкфурт се дебатира за тоа дали павилијонот ќе биде преместен на друга локација во градот, да биде некаде изграден од подолготрајни материјали со постојана локација или да инспирира нова серија на павилијони кои би се појавиле во градот. Ваквата дебата доаѓа по фактот дека во текот на една година во павилјонот се одржале 70 различни настани, правејќи го овој плоштад вистински корисно место и потикнувајќи размислувања за потребите и квантитетот на вакви објекти во градот. Сестраната улога на просторот да повикува специфична група на граѓани, но и случајни минувачи, да функционира како неформален едукативен центар за градинките и училиштата, ја развива континуирано свеста за ваквиот тип на објекти.Кога дискутираме за урбани градини во интензивните градски џунгли, вредно е да се споменат креативните герила градинари на Хонг Конг. Како група на ентузијасти тие се обидуваат да го максимизираат сопствениот простор и израз во градот и да продуцираат поголем дел од својата храна. Хонг Конг денеска е град на облакодери органичен од пристапот кон природа во самиот град. Еден од герила-револуционерите e дизајнерот Мајкл Лијанг кој работи на проекти синтетизираќи ги уметноста, дизајнот, заедницата и урбано земјоделство. Неговита најпопуларна иницијатива „Медот на Хонг Конг“ ги поврзува локалните пчелари заедно со граѓаните кои живеат во зградите за да можат да инсталираат единици за чување пчели на своите тераси или на покривот. Лијанг зборува за значењето на растењето на храна во урбаните територии и особено за запознавањето на изворот од кој доаѓа храната. Обидите да се „прошара” силуетата од облакодери со зеленило е поврзана со потребата на враќањето кон природата или барем можноста за тоа.Од друга страна, владата на Хонг Конг е категорична во однос на неформалното градинарење. Предвидениот план за зеленило во градот не вклучува растенија и билки за консумирање. Групата на креативни зелени уметници, сепак, не се откажува и постојано организира работилници и предавања за значењето на ваквите инцијативи. Во еден од своите проекти тие развиваат бомби составени од земја и различни семиња кои ги разнесуваат насекаде низ градот. Повеќеслојноста на ваквите акции го менуваат начинот и пристапот кон храната во градот, кон јавниот простор, но и слободата за партиципативност и иницијативи на граѓаните.Кога ќе ја посетите населбата Тонг Лор во Бангкок, која е една од оние со највисока цена на земјиштето, она што навистина ќе ве изненади е градината која е никната среде целата населба. Наречена „Градина на корења“, оваа урбана градина се протега на некогаш напуштен простор од 1000 м2, а ја развиваат граѓаните на населбата преку садење и одржување на расади со зеленчуци и мини фарма со кокошки и кози. Овој проект е развиен од невладината организација „Реформирање на земјата во Тајланд“, која промовира активности и закони  поврзани со земјата за фармери и сиромашни луѓе. Еден од иницијаторите на оваа градина, 29-годишниот Еакданаи Вонгватана објаснува дека постојат повеќе неискористени и напуштени локации во градот и дека значењето на овие места може да биде есенцијално во однос на животот, храната и безбедноста. Ваквиот проект, иако едногодишен, им дозволи на луѓето да се доближат кон природата, да допринесат во одржувањето на храната, да ги посетат некои од пазарите каде се нуди органска храна или едноставно да имаат поинакво искуство во колажниот град.Од правењето на сопствена миниградина за растење на зачини и зеленчуци за сопствени потреби во кујната, на својот балкон или на кровот на својата зграда, до „запленувањето” на јавни простори за сопствена градина, враќањето на урбаната фарма ги поставува клучните прашања поврзани со храната и просторот: Од каде потекнува храната која ја конзумираме? Дали рурбаните акции можат да ги отворат прашањата на политиката и сопственоста на просторот во градот? Што значи односот храна- партиципација- граѓани- јавен простор во градот во кој живееме? Активностите на урбаното земјоделство рефлектираат различни нивоа на економски и социјален развој. Како заклучок останува само индивидуалното прашање за степенот и интензитетот со кој секој од нас како урбан граѓанин би сакал да биде дел од идната рурбанизација.

*Александра Шекутковска е урбан дизајнер и основач на колективот за урбан дизајн „TheURBCLV