Го вреднуваме ли нашето архитектонско наследство? Или пак значајните архитектонски белези на Скопје се загрозен вид во изумирање? Важноста на архитектонското наследство од Модерната и неопходноста за негово вреднување се главна тема на архитектонската изложбата „Загрозени видови“, која симболично е поставена во Природонаучниот музеј. Во фокусот на изложбата се објекти од поновата архитектонска историја на Скопје кои го обликуваат современиот архитектонски идентитет на градот.

Изложбата е дел од долгогодишниот архитектонски истражувачки проект на архитектитеЈован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков, кое го истражува и анализира архитектонското наследство од Модерната во Македонија. Како што истакна Ивановска Дескова на отворањето на изложбата, во фокусот на истражувањето се група архитектонски проекти и објекти кои тие сметаат дека се вредно градителско наследство, иако овие објекти формално немаат таков третман. „Се работи за проекти стари 50 и повеќе години кои денес се во состојба на загрозеност. Од таму доаѓа и насловот на изложбата. Објектите се загрозени од повеќе аспекти, од природното стареење на материјалите и конструкцијата кое е неизбежно, различни стихијни интервенции и поправки, па се до различни идеолошки и политички промени насочени кон овој дел од градителскиот сегмент,“ вели Ивановска Дескова.

Целта на истражувачкиот проект и изложбата е да се идентификуваат и посочат овие значајни архитектонски објекти, да се истакнат нивните архитектонски вредности, но и степеност на загрозеноста на нивното постоење и факторите кои довеле до тоа. Сите овие активности се обид и да се покрене свеста на јавноста и институциите за опстанокот на овие објекти, како и да се постави прашање до институциите за заштита и архитектонската фела за чекорите кои е неопходно да се преземат за овие објекти во иднина за нивниот опстанок.Самото поставување на изложбата „Загрозени видови“ во Природонаучниот музеј, кој е нетипичен простор за архитектонски поставки е уште еден дел од симболичниот обид да се посочи на потребата за заштита на овие објекти кои се важно архитектонско и културно наследство. Авторите со ова прават широка аналогија со полето на природните науки, преземајќи термин кој главно се користи при дефинирање на состојбата на биолошките видови. Иако на прв поглед се чини дека не постои преклоп помеѓу двете дисциплини, помеѓу загрозените архитектонски и биолошки видови, истражувањето препознава бројни суптилни релации кои би можеле да се употребат во градење на методологија за препознавање и класификација на „загрозените“ архитектонски видови од периодот на Модерната.

„Вон самиот преклоп на науките, поставувањето на изложбата во овој објект има и друго значење. Се одлучивме за овој музеј бидејќи станува збор за извонредна зграда која е недоволно вреднувана. Сакаме да укажеме на вредностите на самата зграда и поставката која е сместена во неа и, во таа смисла да го извлечеме нашето истражување вон рамките на архитектонската професија и да го направиме достапно до пошироката јавност и посетителите на овој објект,“ додаде Ивановска Дескова.Според авторите, изложбата во овој простор е еден вид експериментална заштита, која е вон институциите за заштита и претставува директен апел до овие институции дека е крајно време архитектонскиот опус кој го дефинира идентитетот на Скопје да добие статус на градителско наследство и да биде третиран како такво во иднина.

Фотографии: ©Александра Алексовска