Жените архитекти, урбанисти, градоначалнички и нивната улога во формирањето на градовите низ светот ќе бидат во фокус на годинешната конференција за архитектура и урбанизам „reSITE 2018“. Конференцијата, која ќе се одржи на 14 и 15 јуни во Прага, има за цел да ги стави во преден план жените архитекти, дизајнери, урбанисти и учеснички во локалната власт на градовите, да ја потенцира нивната важност и да ја отвори темата за проблемите со родовата нееднаквост во индустрии како архитектурата, урбанизмот и дизајнот.

Главен гостин и говорник на конференцијата ќе биде светски реномираната архитектка Џин Генг, основач на познатото архитектонско студио „Studio Gang“ и дизајнер на облакодерот „Aqua Tower“ во Чикаго. Поканети се и голем број жени-градоначалнички, урбанисти и архитекти. Покрај Генг, на конференцијата ќе говорат и мексиканскиот архитект Мајкл Ројкинд, како и Реиниер де Граф од реномираното холандско студио „ОМА“ на Рем Колхас. Седмото издание на оваа конференција ќе се фокусира на иднината на домувањето и домување од иднината. На програмата се предвидени околу 50 говорници од 30 различни држави.  Основачот на „reSITE“, Мартин Бери вели дека е неопходно да се поттикнуваат активности кои ќе ја разбијат вештачки создадената родова нееднаквост.

„Постои родова нееднаквост која е вештачки создадена, затоа сметаме дека е важно да направиме што можеме за да поттикнеме активности кои ќе ја корегираат или ќе успеат да создадат родова еднаквост. Постоечката родова нееднаквост во архитектурата и дизајнот се одразува и гледа и на конференциите и настаните. reSITE е исклучок. Работиме напорно да имаме балансирани учесници на сцена, но со малку жени во индустријата, уште помалку се на високо ниво и го немаат луксузот да може да земат слободни денови и да учествуваат на настан кој ќе помогне да напреднат во кариерата“, вели Бери.

Со цел да се поттикне поголем број на жени учесници, од конференцијата под мотото „#WomenMakeCities“ и нудат 70 отсто попуст за котизацијата за пријавување за сите жени архитекти, дизајнери, дел од градските власти, кои сакаат да учествуваат на reSITE 2018. Картите може да се купат на tickets.reSITE.org . Целосната програма може да се погледне  на сајтот на reSITE.