Објектот на главната Пошта во Скопје, извајан од натур-бетон, со својата скулптурна, футуристичка форма е несомнено еден од најмаркантните архитектонски симболи на градот. Со децении, необичната форма на ова бруталистичко здание доминира во просторот и ги привлекува погледите и интересот на сите оние што случајно или намерно поминуваат покрај неа шетајќи по кејот на Вардар. Формално именуван како „Телекомуникациски центар“, монументалното дело на архитектот Јанко Константинов полека почнува да се задушува во новите градежни зафати во Скопје главно бидејќи  не е направен никаков обид од властите да биде валоризиран и заштитен како архитектонско наследство.

На неопходноста да се потсети на важноста на овој објект како архитектонско наследство, но и неопходноста објектите од Модерната да се заштитат и да се вреднуваат соодветно, посочува новата изложба за современата македонска архитектура „Биографија на едно архитектонско дело: Телекомуникациски центар Скопје“, поставена во Музеј на град Скопје. Зад изложбата и долгогодишното архитектонско истражување за ова дело на Константинов во рамки на едно поголемо истражување за архитектурата на Модерната во Македонија стојат архитектите Ана Ивановска-Дескова, Јован Ивановски и Владимир Десков. Самата изложба доаѓа како продолжение на „приказната“ за Модерната архитектура во Скопје што започна со предавањето и изложбата „Навраќање кон постземјотресната обнова на Скопје“ на БИМАС 2016 и продолжи со неодамнешниот настан „Кале културна тврдина“, посветен на можностите за реактивирање на просторот околу скопското Кале и Музејот на современа уметност.

Фото: Александра Алексовска

Изложбата, која може да се погледне до петок, претставува уникатно визуелно и интерактивно патување низ архитектонската историја на овој објект, еднакво интересна и необична како и формата на Поштата на Константинов. Покрај фантастично изработените макети од финалната и првичната верзија на Константинов за изгледот на објектот, особено впечатлив дел се архитектонските скици поставени како грандиозни урбани мурали низ музејските ѕидови. Целата изложба има чувство како да сте дел од урбана сцена, а не во затворен музеј. Големите архитектонски мурали оживуваат како што луѓето шетаат, ги разгледуваат и разговараат пред нив, се добива чувство како сето ова навистина и да се случува пред грандиозниот бруталистички објект на кејот на Вардар.

Фото: Александра Алексовска

Фото: Александра Алексовска

Изложбата за објектот на Константинов е поттикната од желбата за проучување на архитектонското творештво во периодот на Модерната, кој претставува еден од најзначајните слоеви во историјата за развојот на македонската и светската архитектура. Како што посочи Иванова-Дескова на отворањето на изложбата, Телекомуникацискиот центар како архитектонско-урбанистичка целина е избран токму поради неговата клучна вредност за современата архитектура во Македонија.

Фото: Александра Алексовска

„Зошто Телекомуникацискиот центар во Скопје? Поради тоа што претставува еден од значајните урбани артефакти на градот, објект што има извонредно трајни вредно во рамки на градското ткиво, кој претставува репер во урбаната слика и еден од иконичните објекти од постземјотресната обнова на Скопје. Овој објект е важно градителско наследство и, како такво, треба да е соодветно препознаен и вреднуван, но тоа не е случај. Прашањето за валоризација на објектите на Модерната кај нас не е воопшто ни започнато. Соодветно на тоа, овој објект е вон секаква перцепција и секакво вреднување“, забележа Ивановска-Дескова на отворањето на изложбата.

Фото: Александра Алексовска

Изложбата ја претставува во целост работата на Поштата на Константинов, еден од најзначајните имиња за архитектурата на Модерната во Македонија, од неговите првични размислувања и скици за објектот, првичната верзија што не била одобрена, понатамошните промени и финалниот, изменет изглед на овој архитектонски објект. Бидејќи објектот е работен речиси 20 години, биографијата на овој објект некако природно е и биографија на самиот Константинов, поради што и изложбата е именувана токму како „Биографија на едно архитектонско дело“.

„Константинов има биографија што започнува во 1968 година со првите скици и завршува речиси 20 години подоцна, низ целата разработка на различни идеи и реализации за објектот. Станува збор за две биографии, таа на зградата и архитектот. Авторот и делото се нераскинливо поврзани и од таа причина и во изложбата и во самата книга се испреплетено поставени“, посочија организаторите.

Фото: Александра Алексовска

Фото: Александра Алексовска

Првиот предлог на Константинов  за објектот е работен во периодот од 1968 до 1969 и во неговата форма јасно се чита влијанието на јапонскиот Метаболизам, кој потоа преку проектот на Кензо Танге доаѓа во Скопје, но и влијанието од американската архитектонска сцена. Првичниот концепт на Константинов е за отворена просторна структура со импозантни димезнии, која излегува надвор од композициските норми. Целиот објект, неговата форма и содржина доаѓаат од долгото истражување на технолошки објекти низ светот. Идејата била за еден вид „објект што виси во воздух“, со обединувачка платформа со зеленило, водни површини и скулптури.

Фото: Александра Алексовска

Фото: Александра Алексовска

По одбивањето на првичната верзија, Константинов по понатамошна разработка на идеи и концепти ја предлага втората и конечна верзија на Телекомуникацискиот центар, која е поедноставена во изразот и пуштена во употреба од 1981 година. Втората и денешна верзија има три одвоени програмски целини сместени во посебни објекти: телекомуникацискиот ПТТ центар, правоаголен блок и кула и шалтерска сала заедно со управна зграда за администацијата, која е сместена во објектот со необична кружна форма.

Фото: Александра Алексовска

Бруталистичкиот објект, како што посочуваат тројцата архитекти-истражувачи и организатори во публикацијата за „Телекомуникацискиот центар“, има експресивна и поетична форма. Шалтерската зграда, како што е посочено во публикацијата, со својот архитектонски јазик се оддалечува од класичните поставки на брутализмот за едноставност и скромност во изразот, еволуирајќи кон богатство на текстури, декоративни, извиени и дури и каприциозни форми, кои експериментираат со можностите на натур-бетонот.

„Кај шалтерската сала на Константинов единствено преку материјалноста може да се направи релација со брутализмот; во богатството на облици, светлини и сенки и визуелните впечатоци што ги носи во себе, таа е поблиска до експресионизмот на авангардните години на 20 век и скиците на ’stadkrone’ – објект-симбол од јавен карактер, наменет за сите“, посочуваат архитектите во публикацијата „Биографија на едно архитектонско дело“.

Фото: Александра Алексовска

Фото: Александра Алексовска

Фото: Александра Алексовска