Детско биро како пријателска кравичка, столче кое потсетува на разиграно куче и мала количка-кофчеже во форма на розево весело прасенце се само дел од елементите од креативната колекција детски мебел на дизајнерката Наташа Његовановиќ. Студент на постдипломски студии по индустриски дизајн на Факултетот за дизајн и архитектура на Загребскиот универзитет, Његовановиќ ја изработи колекцијата детски мебел „Avila“ која освен што е практична и функционална, внесува уште повеќе креативност и фантазија во детските соби.

Колекцијата се состои од работно биро, столче, детски велосипед и мало кофчеже за складирање на ирачките и книгите. Секој елемент е изработен внимателно да освен функционалната улога истовремено биде и играчка за децата и дел од индивидуалната или заедничката игра. Парчињата личат како да се изведени од детската фантазија, едноставни, весели и креативни, а истовремено и едукативни учејќи ги децата на формите на домашните животни и љубовта кон нив и природата.

Она што е интересно за оваа колекција е дека работи во насока на поттикнување на детската фантазија и игра, далеку од видео игрите, компјутерите и таблетите. Ја поттикнува онаа стара „олд скул“ игра каде дедовиот бастун стануваше пони за јавање, а од столчињата се градеа куќарки и замоци. Деновите каде царуваше детската фантазија и бајките, без ни трошка технологија. Преку парчињата мебел на „Avila“ децата може одново да креираат свој фантастичен, бајковит свет.

Мебелот е изработен од природно дабово дрво, со едноставни форми, бои и естетика.

Фото: Pavel Posavec