Менувањето на работните навики низ светот, замената на класичната канцелариска работа со фриленс работењето додека се патува низ светот ги менува и идеите на дизајнерите за тоа како треба да изгледаат работните простори и работниот мебел. Младата дизајнерка Деа Беатовиќ, студент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје се фокусираше токму на оваа тема и изработи дизајн за современо лесно расклопливо и практично биро.Бирото „Desk to go“ изведено од природни материјали делува како едно со природата, а истовремено е и практично и корисно решение за оние кои работат од дома или пак честопати се селат низ светот. Беатовиќ со овој дизајн учествуваше во мај на изложбата именувана  „Нови номади“ во склоп на дизајнерскиот фестивал „Миксер“ во Белград.

Во продолжение го пренесуваме описот на Беатовиќ за нејзиниот дизајн.Барањето на темата „Нови номади“ беше да се дизајнира нешто што ќе им го олесни и подобри животот на номадите и имигрантите во светот.

Зашто дизајнирав биро , а не некој друг предмет? Моето размислување се движеше во насока на тоа што им треба на современите номади  , а не им требало на номадите во минатото? Денес благодарение на интернет и современата технологија новите номади можат да работат во различни области како : новинари , графички дизајнери , писатели ,програмери итн. и да учат или предаваат онлајн. Ова значи дека им треба работна површина на која би ги завршиле своите обврски , која може да се едноставно да се склопи и притоа да не зафаќа многу место и да може да се пренесува лесно, поради што покрај бирото има и придружен ранец за транспорт.Мојата цел беше да создадам производ што може лесно да се произведе, транспортира и да се склопува и расклопува секојдневно без примена на метални спојки, а може да се користи како биро или како маса за ручек за двајца во домови со минимални димензии.Ширината на работната површина е минимална,но тоа се надоместува со длабочината која наместо стандардните 60 cm e 79 cm. Овие димензии овозможуваат истовремено да се постави и лап топ, компјутер и книга на истата површина.  Дизајн : Деа Беатовиќ

Изработка: Дизајн Фантазија

Фотографија: Ана Малјановска