Идејата за вечната младост, духот на напредокот и безгрижноста, културата и ретро модата од 80-тите се главниот мотив во зимската модна колекција на македонскиот дизајнер Горан Костовски – ind.o.g. Ind.o.g., кој стои зад модниот бренд за лежерна унисекс облека „Celebrate life“ претстави нов дуксер во урбан стил, со креативен принт, во портокалова боја која оддава позитивни вибрации.Како што потенцира ind.o.g. новиот модел црпи инспирација од вртлог на повеќе сензации, меѓу нив скопската супкултура, но и музиката на Френк Оушн и „Youth of today“ . Дизајнерот за ова урбано модно парче пред се бил инспириран од албумот „Channel Orange“ на музичарот Френк Оушн, кој пак за овој албум бил инспириран од летото и моментите кога прв пат бил вљубен. Токму поради ова ind.o.g одлучува портокаловата да биде главната боја на дуксерот, бидејќи нејзините пријатни, позитивни и динамични ноти потсетуваат на летото и фините летни спомени.„Истовремено, големо влијание на колекцијата има и американскиот хард кор панк бенд ‘Youth of today’, коишто се клучни во ‘youth crew’ супкултурата, особено заради позитивните вредности и моралот за која таа се залагала. Младоста сама по себе е секогаш позитивна и присутна во сите „Celebrate Life“ производи“, посочува ind.o.g.Како што вели тој, актуелната зима инспирира и го потсетува на духот од 80-тите кога „Youth of today“ почнуваат да свират.

„Секако, атмосферата не може да се долови целосно, но, затоа локацијата на стоковната куќа ‘Мост’ (објект од суштинско значење) која била активна тој период, не’ навраќа кон тоа време и духот на старата скопска чаршија, која секогаш била симбол на мултикултурата во градот Скопје. Супкултурата што секогаш била присутна, па дури и во исчезнување, е вечна инспирација за секоја нова сезона на ‘Celebrate Life’“, додава ind.o.g.

На ова ново урбано модно парче дизајнерот користи текст на кирилица, нешто кое како што потенцира е реткост кај унисекс облеката. Ограничената серија на овој портокалов блузон го задржува дизајнерскиот стил на ind.o.g. и е изработена во принт во сито графика, кој потоа е мултиплициран во фотокопир технологија, техника актуелна во 80-тите, која сега е во исчезнување.

Фотосесијата за ова ново модно парче на ind.o.g., верно на инспирацијата е направена околу стоковната куќа „Мост“ во скопската чаршија, пренесувајќи го со тоа симболично и урбаниот дух на градот каде е креирано ова модно парче. Фотограф на фотосесијата беше  младата фотографка Јана Тодоровска. Уметничката дирекција на фотосесијата ја водеше самиот дизајнер ind.o.g., додека пак постпродукцијата е на Марко Монс.