Вечерва во Културно Информативниот Центар се отвора завршната годишна изложба на Академијата за графички и веб дизајн на Семос Едукација. На изложбата, која се отвора во 20 часот, ќе бидат претставени дела на 26-те студенти од генерацијата 2017/18 година.

Студентите од програмата за веб дизајн ќе се претстават со оригинални веб проекти со прилагодлив дизајн на разни уреди и применети UX/UI кориснички принципи, како што се: сопствени Е-портфолија и динамични веб-страници за реални и измислени клиенти кои содржат програмерски дел, галерија и мултимедијални содржини. Студентите од програмата за графички дизајн ќе се претстават со повеќе од 150 графички решенија, како најуспешни и најкреативни проекти на кои работеле во изминатиот период, како што се: постери на разни теми, логоа и корпоративен идентитет, дигитални манипулации на фотографија, дигитални илустрации и дизајн на публикации.„Со оваа изложба која полека преминува во традиција, ја затвораме успешната академска година, ги претставуваме проектите на студентите, доделуваме дипломи, пофалници и стипендии. Како тренинг центар за неформално образование, изградивме бренд на пазарот и го подигнавме стандардот на едукација во полето на графичкиот и веб дизајн.  Успешната соработка со бизнис заедницата и уникатниот модел на настава, резултираше со квалитет на излезните резултати и стекнување  со соодветни компетенции на нашите студенти,“ изјави Ангелина Канчевска, раководител на Академијата за графички и веб дизајн.

Како израз на доверба и одржлива инвестиција во образованието на млади, Семос Академијата, четврта година по ред ќе додели стипендии во вкупен износ од 6.900 ЕУР. На годинешниов конкурс за стипендија на тема „Звукот на градот“ аплицираа 25 кандидати, а добитниците ќе бидат објавени на самата изложбата.

Секоја година Академијата редовно придонесува кон општествено одговорните практики, обезбедувајќи проекти за студентите наменети за реални клиенти на кои најмногу им е потребно. Годинешните проекти се наменети за потребите на 3 институции: ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести, ЈЗУ Геронтолошки Завод „13 Ноември“ и Федерација за планинарски спортови на Македонија, што резултираше со оригинални решенија изразени во разни графички форми на маркетинг и рекламирање. Академијата за графички и веб дизајн во рамки на Семос Едукација, во своето 12 годишно постоење досега има едуцирано повеќе од 250 дизајнери кои успешно ги градат своите кариери во Македонија и странство. Основната цел е едукација на студенти и  создавање кадри – графички и веб дизајнери кои лесно ќе се прилагодат на пазарот на трудот во графичката и интернет индустрија, како и  мултимедијата.