Унгарското дизајнерско студио „Hello Wood“ секоја година креира необични новогодишни елки во Будимпешта кои имаат за цел да помогнат со различни општествени проблеми. Една од највпечатливите креации на унгарските дизајнери останува елката од 365 дрвени санки пред Палатата на уметностите во Будимпешта, креирана со цел по новогодишните празници да ги разубави зимските денови на голем број деца згрижени од хуманитарната организација СОС Детско село во Унгарија.Елката, поставена пред неколку години, беше висока 11 метри. Архитектите на нејзиното склопување работеле седум дена, поставувајќи ја првично главната дрвена рамка поставена на железна основа. Врз дрвената рамка се поставени стотиците санки, кои по две недели ќе им бидат подарени на голем број деца за да ги разубават нивните празнични зимски денови.

„Сакавме да направиме привремена инсталација, која нема само да изгледа спектакуларно, туку да биде и практична и главните елементи од кои е составена да може да се реискористат и поделат на децата. За нас тоа е главната точка за општествената свест и одговорност: работата не е само да покажете, туку истовремено и да му дадете нешто уникатно на општеството“, изјави во таа прилика архитектот Андрас Хузар кој е дел од „Hello Wood“.Инсталацијата беше поставена на дрвена рамка, која пак лежи на тешка железна основа од 4.5 тони, што ја гарантира нејзината безбедност за време на ветровитите зимски денови во Будимпешта. Она што е интересно е дека освен тоа што шармира со својот надворешен изглед на новогодишна елка, инсталацијата изгледаше прекрасно и кога ќе се влезе во неа. Посетителите можеа да ѕирнат во нејзиниот ентериер, а врвот на инсталацијата, погледнат од внатре благодарение на начинот на кој се поставени санките потсетува на геометриската форма на една снежна снегулка, елемент кој создава дополнителна празнична магија.По идејата на „Hello Wood“ вакви елки беа поставени и во Лондон и Виена годинава.Фотографии: ©Daniel Dömölky

Leave a Reply