Студентите по дизајн Ана Петрова, Иван Дургутовски и Анастасија Јовческа се добитници на наградите за најдобар студентски дизајн на постер за промоција на Македонија како туристичка дестинација. Конкурсот „Република Македонија како туристичка дестинација“ за студентски плакати го организираат здружението за графички дизајнери „Плакарт“, Музејот на град Скопје и Амбасадата на Република Полска во Македонија.

Постер на Анастасија Јовческа, главна наградаПостер на Иван Дуругутовски, главна награда

Конкурсот беше можност да се поттикне креативноста на студентите по графички дизајн на интересно и актуелно прашање за промовирање на туристичките капацитети на Македонија на современ и визуелно примамлив начин. Крајната изложба која е поставена во Музејот на град Скопје вклучува 50 студентски дела од вкупно 123 пристигнати креативни постери од 7 факултети од државата. Селекцијата на најуспешни дела ја изврши жирито во состав Лазе Трипков, директор на Музејот на современа уметност, Томислав Микулчиќ, директор на Музејот на град Скопје, Ласко Џуровски, основачот на дизајн студиото „Тотем“, Ришард Каја, реномиран плакатист и илустратор од Полска и амбасадорот на Полска, Јацек Мултановски.

Постер на Ана Петрова, главна награда

Финалната изложбата на плакати, која беше отворена во Музејот на град Скопје вчеравечер, вклучуваше 50 студентски дела. Дополнително, изложбата е надополнета со поставка насловена „Мал плакат“, составенa од 20тина детски цртежи на истоимената тема, добиени како резултат на работилницата која полскиот илустратор и плакатист Ришард Каја ја менторираше во ноември 2016 во рамките на 9. Скопје постер фестивал.

Наградените студенти Петрова и Дуругутовски од Факултетот за арт и дизајн од Европскиот универзитет и Јовческа, студентка на Факултетот за дизајн и мултимедија од ФОН Универзитет се наградени со студиско патување во Полска и ќе имаат можност да патуваат по стапките на големите полски мајстори на плакат и да се запознаат и да ги проучат вредностите и значењето на оваа маркантна школа за дизајн, искуство што ќе им служи во развојот на нивната кариера.

Постер на Лара Маринковиќ, почесно признание 
Постер на Ана Грковска, почесно признание

Покрај тројцата првонаградени жирито ги награди и креативните решенија на Ана Грковска, студентка на Факултетот за Архитектура при Универзитет Св. Кирил и Методиј и Лара Маринковиќ,  студентка на Семос – Академијата  со почесно признание. Студентите ќе имаат можност да соработуваат со Музејот на град Скопје, да одржат студентска пракса и да учествуваат во подготовка на промотивните материјали на во оваа  културна институција во текот на 2017 година.

Специјална награда од познатиот дизајнер и член на жирито, Ришард Каја беше доделена на Кристијан Арсовски, студент на Факултетот за Архитектура од Универзитет Св. Кирил и Методиј, додека специјалната награда од амбасадорот на Република Полска во Република Македонија ја прими Томислав Акимовски, студент на Факултет за ликовни уметности од Универзитетот Св. Кирил и Методиј.

Постер на Кристијан Арсовски, специјална наградаПостер на Томислав Акимовски, специјална награда

Изложбата на студентски плакати на тема „Република Македонија како туристичка дестинација“ по нејзиното претставување во Скопје ќе добие патувачки карактер и ќе биде поставена во домовите на култура во 18 градови низ земјата.

„Главната цел на конкурсот за студентски плакат на тема „Република Македонија како туристичка дестинација“ беше добивање на плакат со современ израз како дизајнерски производ, преку кој ќе се промовира како земја со богато културно наследство, зачувани природни богатства и богата духовна ризница“, посочуваат организаторите, потенцирајќи дека со оваа тема имале за цел да се фокусираат на идејата за квалитетно дизајнирана промоција на Македонија во светот како атрактивна туристичка и културна дестинација. Проектот во чии рамки беше организиран и овој конкурс, започна во април 2016 година со изложбата „Полската школа на плакат“, која на македонската публика и ја претстави една од најстарите и најкарактеристичните школи за плакат и со предавањето на Лазе Трипков, директорот на Музеј на современа уметност, кој како магистрант на катедрата на маестралниот Лех Мајевски е своевиден претставник на полската школа на плакатот.