Урбана, минималистичка и лежерна е првата колекција „MF63“ на новиот моден бренд „Marco Filippo“. Овој нов македонски урбан бренд поставува нови стандарди во лежерната машка мода и нуди висококвалитетни модни парчиња во стилот на уличната мода. „Marco Filippo“ вчера за прв пат ја претстави својата колекција машка облека пред скопската публика преку поп-ап продавница во кафe-ресторанот „Fitness House“ во Скопје.

Колекцијата „MF63“ се состои од летни и зимски маици, елегантни џемпери, лежерни дуксери и карго пантолони. Во колекцијата доминираат црната и белата боја, а во секое парче преку минималистичкиот дизајн, кој на целата лежерна колекција и дава и една елегантна нота, е целосно отсликан и пренесен урбаниот дух на уличната мода од светските модни центри. 

„Marco Filippo“ како нов моден бренд цели да претстави висококвалитетна урбана облека со рафиниран, едноставен, а впечатлив дизајн. Брендот ги следи „правилата“ на италијанскиот дизајн, користејќи квалитетни материјали и внимателна рачна изработка на секое парче. Инспирацијата за дизајнот на секое парче доаѓа од набљудување на урбаните ситуации, дух и љубовта кон уличната мода. „Нема правила во нашиот дизајнерски јазик, тој е само набљудување и апсорбирање, извлекување на бои, линии и форми од секојдневните различни ситуации во урбаната средина“, се вели во описот на дизајнерскиот пристап на „Marco Filippo“.  Колекцијата на „Marco Filippo“, која е сериозен кандидат да стане нов моден миленик на урбаните момци, може да се погледне и купи во поп-ап продавницата во „Fitness House“ во Скопје и на веб страницата на модниот бренд.

Фотографии: ©Александра Алексовска, Design.mk