Четири интересни ревии со најновите колекции на ателјето „Алшар“, „Walone fashion group“ , српската дизајнерка Ана Трошиќ Трајковиќ и „Shaleva Couture“ ја означија третата и претпоследна вечер од есенското издание на Моден викенд Скопје.

Модните љубители имаа можност вечерта да ја започнат со преглед на колекцијата “Калеш Анѓа“ на дизајнерката Силвија Миха од ателјето „Алшар“. Колекцијата е инспирирана од истоимената книга на Столе Попов и македонските револуционери, особено од жените и нивната борба за слобода и личен избор.

„Кроевите и формите на креациите се инспирирани од македонските носии и облеките на нашите револуционери но претставени со асиметрични и авангардни форми, често со изразен волумен и суптилни детали од македонскиот фолклор.“, вели Миха.Косовската модна куќа „Walone fashion group во најновата колекција за есен-зима  2017/2018 претстави главно креации на гламурозни вечерни тоалети и венчаници.Српската дизајнерка Ана Трошиќ-Трајковиќ со колекцијата „42“ за прв пат се претстави пред македонската публика. Креациите на Трошиќ-Трајковиќ се инспирирани од познатиот роман „Автостоперски водич низ галаксијата“, па оттука доаѓа и името на колекцијата „ 42“, како одговор на прашањето за животот, универзумот и сѐ останато.Студиото „Shaleva Couture“ ја прикажа најновата колекција „French elegance“ инспирирана од барокниот стил и француската мода со креации во црна боја и златни детали.Во текот на вчерашниот ден беа одржани менторски сесии во рамките на „Програмата за поддршка и развој на мали и средни претпријатија во креативната индустрија“ која Моден викенд Скопје ја организирше со поддршка на Министерството за економија во Р. Македонија. Предавања одржаа Јована Зука, Анита Гај, „Ани и Дими“ и Елена Додевска на различни теми како стилот и неговата важност за еден бренд, брендирање на производите, важноста на фотографијата за модниите брендови, основи на менаџментот во модата и упатства за започнување на бизнис и методи во производството. Целта на овој проект е менторство, промоција и демонстрација на креативноста на младите дизајнери на облека, обувки и галантерија пред општата јавност, медиумите, експертите, купувачите, со цел да се воспостави и да се зајакне нивниот бизнис преку заемно корисни контакти и соработка со крајна цел- подобра пазарна економија.

Шеснаесеттиот Моден викенд Скопје ќе биде затворен вечерва во „Иновативниот центар на Македонски Телеком“ со мултимедијална презентација на Ирина Тошева поддржана од topsi.mk.Фотографии: AniDimi Photography, Fashion Weekend Skopje