Креативна модна мултимедијална презентација наместо класична модна ревија на модната дизајнерка Ирина Тошева го затвори 16-то издание на Моден викенд Скопје. Новата колекција  на Тошева е инспирирана од циклусот песни за Дениција на реномираниот македонски поет Петре М. Андреевски.

Од љубовта кон жената до родољубието, Тошева преточува цел спектар на емоции во своите креации,  оставајќи им можност на модните вљубеници самите да ја препознаат својата љубов меѓу нив. Користејќи главно природни материјали како памук и свила низ моделите на Тошева се проткајува естетска приказна што ги премостува модата и поезијата, а излегува надвор од временските рамки.

Ирина Тошева есен/зима ’17’/’18 from Irina Tosheva on Vimeo.

Колекцијата и самата презентација во „Иновативниот центар на Македонски Телеком“ го имаат познатиот урбан печат на Тошева, која смело игра со принтови и материјали дизајнирајќи креативни парчиња облека за урбаната девојка. Презентацијата на колекцијата преку интересен мултимедијален видео запис, зад кој стојат режисерката Марија Апчевска, Гого Клинчаров, Михаил Димитров и Лист Продукција, заедно со фотоизложба и поетско читање се само уште еден дел од урбаната нота на Тошева, која изминативе години секогаш се обидува да најде креативна форма и иновативен моден момент за да ја изненади публиката, како на пример 3D модни парчиња, соработка со уметници за необични принтови, модна ревија која наликува на прошетка низ космосот итн. За разлика од нејзините претходни колекции каде доминираа силни и ведри бои, оваа колекција има малку посериозен печат и главно игра со црното и белото, нудејќи плејада од формални до полежерни парчиња за дневните и вечерните настани. Шеснаесеттиот Моден викенд Скопје годинава се одржа под мотото #Stopthetraffik, поддржувајќи ја отворено борбата против трговијата со луѓе.