Свежи студентски идеи, храбри и неконвенционални модни кроеви, но и класични нежни креации го означија вториот ден од есенското издание на Моден викенд. Вчерашниот моден ден започна со ревија на студентите по моден дизајн под менторство на дизајнерката Лидија Георгиева од „Институтот за дизајн и инжењеринг на текстил“ на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје.

„Од идеја за кожурец како прва фаза од развојот на пеперутка, преку трансформација и финална фаза, 2017 година за студентите е одбележана како година во која континуирано се работи на тема Метаморфоза. Тие ги презентираа своите дизајни во три фази, од кои првата беше изложба на скопскиот моден викенд во април. Водени од оваа тема тие развиваа идеи инспирирани од процесот на трансформација, истражуваа разни материјали, повторно соработуваа со идните биотехнолози од ТМФ, па покрај со облека, интерпретацијата на оваа тема ја збогатија со накит од јадлива превлака. Втората фаза беше одбележана со традиционалната модна ревија на ТМФ во Јуни, која беше придружена со изведба на молекуларна храна и пијалаци на катедрата за прехранбена и биотехнологија. За крај, третата фаза е оваа ревија во која е заокружен целиот метаморфозичен процес кој претрпел еволутивни промени низ сите фази.“, вели Георгиева.Дизајнерката Марија Трајанова од студиото „Marsin“ ја претстави својата нова колекција именувана „Inside out“, со суптилни и женствени модни креации.

„Главната инспирација доаѓа од најинтимните мисли на жената, која секогаш сака да изгледа како модна икона во својата идеја за самата себе. Убавата долна облека и дава дополнителна самодоверба на жената и јас токму таа самодоверба сакав да ја преточам во колекција и да ја извадам на виделина“, вели Трајанова.Третата ревија која имаше можност да ја види публиката беше на младата дизајнерка Сара Реџиќ за колекцијата „Bohemian rhapsody“. Како што вели таа колекцијата претставува сублимат на идејата за модерната жена и разновидноста на модни стилови, кои со леснотија ќе може да се носат во разни пригоди. Колекцијата изобилува со топли есенски бои, ткаенини и идеи кои симболично се обидуваат да го пресликаат внатрешниот свет на секоја жена.  За прв пат на Моден викенд Скопје годинава со своја колекција се претстави косовското модно студио „Minna Fashion“ и колекцијата „Love the spark“,  инспирирана од „романскиот стил“.Вечерта ја затвори ревијата на „Drama Studio“ на модната креаторка Ивана Кнез која годинава ја претстави несекојдневната колекција  „Concept 2020“.

„Модните парчиња се лимитирана едиција, поттикнати од секојдневното наше живеење, колку сме ние Андроиди заглавени во електронскиот свет. Станува збор за несекојдневна модна колекција за сегашноста и иднината, творевина за #Concept2020. Колекцијата е ресајклинг, пет френдли и прилагодлива за нашиот пазар со префинет вкус. Драма студио како и секогаш, ќе ви ги отвори чакрите како сонувачи во потрагата по постојано ваше совршенство“, вели Кнез.

Фотографии: AniDimi Photography, Fashion Weekend Skopje