Пет модни ревии го означија почетокот на пролетната сезона на Модниот викенд Скопје 2018. Сезоната пролет-лето 2018 на Модниот викенд започна со заедничката ревија на креаторот Роберт Ивановски поддржан од „Arthurs“ и дизајнерката Евгенија Зафировска вчера вечерта во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Скопје.

Дизајнерот Ивановски за својата најнова колекција „The garden of earthly delights“ вели дека е инспирирана од познатото дело “Градината на земните задоволства” на Хиеронимус Бош од 16 век, кое се наоѓа во музејот „Прадо“ во Мадрид. Се работи за урбана колекција со принтови од сликата на Бош во комбинација со црна ткаенина. Младата креаторка Евгенија Зафировска потенцира дека нејзината нова колекција колекција „Архитектура во движење“ е инспирирана од архитектонската работа на реномираниот јапонски архитект Кензо Танге.

„Веќе некое време сум импресионирана од архитектурата и мојата инспирација за оваа колекција е Кензо Танге, јапонски архитект кој го обнови мојот роден град Скопје. Преку изработка на колекцијата се приближив до најблиската врска помеѓу архитектурата и модата, создавајќи 3D-структури и простор за телото, а во исто време овозможувајќи неограничено движење. Резултатот е современа уникатна колекција, препознатлива и уникатна, базирана на корисни, иновативни рачни техники и материјали“, вели таа. Третата ревија на Модниот викенд ја претстави авангардната колекција „КALI ROSE by Katarina Luka“ , на дизајнерката Катарина Лука која покрај интересни модни креации претстави и невообичаени модни додатоци. Лука за оваа колекција е инспирирана од филмот „Лудиот Макс“ и постапокалиптичната фикција. Во нејзините 25 претставени комбинации за мажи и жени доминира црната боја, кожата како материјал и модни додатоци во авангарден стил. На првата вечер на Модниот викенд се претстави и креаторката Зана Алиу, која стои зад брендот „Zana Aliu showroom“ со најновата модна колекција „Red&The spectrum“. Колекцијата на Алиу е главно класична и женствена, со црвената како доминантна боја која асоцира на желбата, страста и љубовта. Првата вечер на модниот викенд финишираше со ревијата на брендот „Fingerprint“ и нивната колекција “Macedonian beauty”. Колекцијата ја сочинуваат маици со 16 различни дезени, кои се дизајнирани и изработени од македонски дизајнери и ја раскажуваат на малку поинаков начин приказната за Македонија.За време на тридневниот настан ќе бидат изложени девет креации на студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет . Делата на студентите се изработени по теми инспирирани од француската кинематографија, под менторство на дизајнерката и професор Лидија Георгиева.