Вториот ден од Модниот викенд за сезоната пролет-лето 2018 продолжи со четири ревии во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ во Скопје.

Пред модните вљубеници во Скопје се претстави косовското модно студио „BERNASARACI“ со колекцијата симболично именувана како „0000“. Парчињата на колекцијата се моќни, во едноставни црно-бели комбинации со чисти, минималистички дизајн.

„Колекцијата ја карактеризираат чисти кроеви, прилично лежерен став но сепак извикува софистицираност и моќ. Да изгледаме стилизирано и да се чувствуваме во нашата кожа е мојот најважен тренд. Тоа е причината зошто колекцијата има тенденција да покаже микс на спортска и елегантна урбана девојка“, вели дизајнерката Сарачи. Најновата колекција „Boundless“ на „Atelier Kocareva“ е наменета за независната жена која одбива да ги следи општествените стереотипи.

„Моите модели се наменети за жената која дефинира свој личен стил и одбива да се вклопи во стереотипите во животот и модата. Таа е таму каде што сака да биде, самостојна, реализирана и ужива во поместување на границите на модните наметнувања“, вели Коцарева.Со своја колекција се претстави и студиото „Pallada“. Сонот и мечтите се главна тема на колекцијата „El sueno“ на дизајнерот Алек Палада, кој претстави 15 уникатни и рачноизработени парчиња.На втората вечер на Модниот викенд се одржа и заедничката ревија на студентите од Факултетот за арт и дизјан при ЕУРМ „Text me“, на која петнаесет студенти ги прикажаа своите креации.Седуманесеттиот Моден викенд Скопје завршува вечерва со последните модни ревии за сезоната пролет-лето.