Десет млади дизајнери се наградени за нивните постери и креативниот графички дизајн на јубилејното десетто издание на фестивалот за постери „Скопје постер“. Наградените беа избрани од над 100 финалисти од 68 држави, кои поднесоа свои постери и учествуваа на годинешното издание на меѓународниот фестивал за графички дизајн и дизајн на постери на тема „Вештачка интелигенција“.

Добитници на две главни награди од ист ранг се полскиот дизајнер Јакуб Собчак и руската дизајнерка Дарја Грекова. Специјалната награда од жирито беше доделена на унгарскиот дизајнер Шаро Лехофер, а специјалната награда за македонски плакат ја доби Анастасија Јовческа. Годинава во комисијата учествуваа пет меѓународни дизајнери и тоа  Алис Твемлоу од Велика Британија, полските дизајнери Лекс Древински и Лех Мајевски, Свен Сориќ и Хрвоје Спудиќ од хрватскиот колектив This Town Needs Posters, македонскиот графички дизајнер Лазе Трипков и иранскиот креативец Реза Абедини, кој беше претседател на жирито годинава.

Почесни признанија добија Паскал Бежин од Канада, полската дизајнерка Каролина Лубашко, Емоке Питер од Унгарија, Јин Веи од Кина, Павел Головиј и Пиотрек Пиетшак од Полска.Организаторите на фестивалот се особено задоволни од големиот интерес за учество на фестивалот на дизајнери на глобално ниво, како и за заинтересираноста на факултетите за воведување на конкурсот за учество на „Скопје Постер“ како дел од наставните програми за графички дизајн.

Фестивалските денови на јубилејното издание на „Скопје Постер“ беа исполнети со презентации и дополнителни консултации за учесниците на работилниците од реномираните предавачи на интересни теми: „Калиграфија и плакат“ под менторство од Реза Абедини и „Знаци и предупредувања – Lex is More“ предводена од Лекс Древински.Во рамки на фестивалот се одржа и панел дискусијата на тема „Дизајн за социјална инклузија“ со учество на министерот за труд и социјална политика, г-ѓа Мила Царовска, заменик постојаниот претставник на UNDP, г-ѓа Нарине Сахакјан и заменик шефот на Амбасадата на Швајцарија, г-дин Стефан Томаџиан. Еден од клучните заклучоци беше дека дизајнот може и треба да влијае врз подобрување на квалитетот на живеењето на луѓето со посебни потреби и маргинализираните групи. На дизајн конференцијата на тема „Пет искуства за успешен графички дизајн“ гостите на јубилејниот 10. СКПФ фестивал претставија примери како да се биде успешен графички дизајнер и беа претставени различни стилови на работа и делување во светот на дизајнот.  Изложбата на плакати во Музеј на Град Скопје ќе може да се погледне до 1 декември. Заинтересираните освен главната изложба во Музејот на Град Скопје, може да ги разгледаат и останатите изложби „Современ македонски плакат“ во кафе-ресторанот „Twins“,а специјалната селекција на дела од жирито може да се види во ресторанот „Four“. Како последен елемент од богатата програма на „Скопје Постер“  во „Брик Бар“ се отвори изложбата на дела од 20 учесници на гореспоменатите работилници.