Пролетните креативни модни креации на Јована Филиповиќ го отворија петнаесетото издание на „Моден Викенд Скопје“. Во салонот на „Порше“ модните вљубеници имаа можност да ја погледнат колекцијата пролет/лето на Филиповиќ, која секогаш импресионира со своите сензуални и смели модни дела.„Жената е како водата. Едноставна, единствена, студена, мирна, брановита. Наизглед мирна, а незамисливо моќна. Токму таква е и колекцијата. Сензуална, минималистичка и едноставна на изглед, а сепак секое парче е посебно, уникатно и моќно. Нијансите кои произлегуваат од длабочината на океанот се пресликани во флуидните и лесни модели, бои и текстури.“, вели Филиповиќ.Втората ревија на првиот моден ден ги претстави најновите парчиња уникатен италијански накит од „Sigma Jewelry“ под слоганот „Пролет е време за убави нешта“. Со своја ревија дебитираше и  младата дизајнерка Емира Имери со колекцијата “Heyoka”. „ Уникатноста на оваа колекција се огледа во специфичните и внимателно одбрани материјали за да се долови дизајнот на перфектен начин. Колекцијата со себе носи посебна живост и дополнување на духот на силните жени кои ги носат креациите“, вели Имери.Вечерта ја затвори колекцијата на „Alshar by Silvija Miha“ под името “Out of Africа“. „Инспирацијата за колекцијата е од филмот “Моја Африка“ , поточно од ликот на Карен кој го глуми Мерил Стрип – прикажана како борец, голем индивидуалист, истовремено силна и принципиелна личност. Колекцијата ќе го има сенсот на колонијална Африка и представува современо видување на креациите што ги носи Карен – парчиња инспирирани од сафари стилот. Креациите се со нагласени геометриски и архитектонски форми со изразен волумен и асиметричност.“, објаснува Михајловска. Ревијата беше проследена со настап на Тèа Шалдева – со специјално подготвен DJ-сет. Модниот викенд продолжува вечерва со пет нови ревии, меѓу нив и ревија со новата колекција на дизајнерката Ирина Тошева.

*Фотографии: „Ани и Дими“