Алармантната ситуација со загадениот воздух во Скопје поттикна распишување на конкурс за дизајн на постер на тема „Смогје“. Акцијата ја покрена креативното Здружение за графички дизајн „Плакарт“ со цел да се искористи моќта на креативниот дизајн да се подигне свеста за проблемот и да се поттикне промена.

„Пораст на алергиски реакции кај деца, зголемување на бројот на болести на дишните патишта, депонии, диви депонии, фабрики, хемиски отпад, мали погони загадувачи, нееколошки материјали за топлинска енергија, застарен возен парк. Ова се само неколку причини да ни се придружите во општествената акција со наслов Смогје“, за преку визуелните пораки  и постери да ги разбудиме нашите заспани сограѓани, властите и општата јавност!“, потенцираат организаторите во повикот за конкурс на тема загаденоста на Скопје.

Креативните решенија треба да се испратат најдоцна до 19 февруари, а апликацијата може да се испрати на следниот линк www.skopjeposter.com/gallery2 .

Условите за учество на конкурсот се следните:

  • Секој има право за учество со максимум 3 плакати
  • Постерот треба да ја промовира дадената тема и да промовира концепт или можно решение.
  •  Плакатот мора да го содржи мотото на акцијата #СМОГЈЕ или #SMOGJE
  • Инкорпорирани исписи да бидат на македонски или друг јазик кој се говори во Македонија
  • Испратените документи мора да се во JPG формат, со подготовка за печатење, Б3 формат (350x500mm), резолуција 300 dpi  / CMYK бои
  • Не е дозволено користење на дизајни/материјали за кој не поседувате авторски права
  • Визуелните решенија ќе бидат користени за презентација и медиумска употреба и/или за репродукција за промотивни цели во кампањата.

Иницијативата на „Плакарт“, како што велат организаторите има за цел да пресрасне во кампања, која ќе го третира ова прашање, со безрезервна поддршка од медиумите и полно право на авторите на делата кои учествуваат за нивна промоција во рамки на истата.

„МојВоздух“ ќе се приклучи на оваа иницијатива за состоjбите на загадувањето и планирано е двете здруженија заедно да работат на поголемо подигнување на свеста за овој сериозен проблем.

Повеќе информации за иницијативата може да се најдат на линкот  https://skopjeposter.com/mk/smogje/