Лелеавите пролетни креации на Ирина Тошева ја одбележаа втората вечер од 15-тото издание на Моден викенд Скопје. Модната дизајнерка претстави нова колекција пролет/лето 2017 која има за цел да ја покрене свеста за грижата кон животната средина. Колекцијата во весели бои покажува поголема љубов кон природата и со секоја линија и нота ја пренесува пролетната атмосфера искрено, внесувајќи дел од природата на модната писта.

Колекцијата на Тошева е изведена од еколопки материјали. Креативните шарени дезени се изработени во соработка со познатиот американски уметник Марк Лавџој, познат по креативната игра со бои, линии и дезени. Во склоп со идејата за поголема љубов и грижа за природата, ревијата беше збогатена со модни додатоци на „Mighty Jewelry“ , изведени во смола како минијатурни пејсажи од природата. Покрај Тошева, на вториот ден од модниот викенд се претстави и модното студио  „Linea collection“ со линиите: „Botanique“, „Fragmented Feeling“, „Playful Transparents“, „Pure and Fresh“ и „Urban Nomads“.„Основниот мотив на новата колекцијата е да го следи животниот стил на секоја модерна жена, токму затоа изборот на моделите е широк и разновиден и одлично се вклопува во динамиката на урбаниот свет. Од едноставни дневни варијанти со пастелни и хармонични тонови, преку софистицирано дизајнирани модели за посебни пригоди, сѐ до неодоливо елегантни варијанти кои ја нагласуваат женственоста и гламурозниот впечаток.“, велат од „Linea collection“. Дизајнерката  Марија Трајанова која твори под модниот бренд  „Marsin“ ја претстави колекцијата „Bond lady“ составена од елегантни комбинезони, коктел фустани, блејзери, кратки здолништа во смарагдно зелена, сина, бела и црвена боја. Креациите се инспирирани од модниот стил на девојките во Џејмс Бонд филмовите.На вториот ден посетителите имаа можност да ја погледнат групната ревија на 15-те студенти од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет Р. Македонија, наречена „Шик-шок-ефект“ со вкупно 47 креации.

За прв пат на Моден викенд Скопје се претстави „Atelier Kocareva“ со колекцијата „History is written by the winners“ . Дизајнерката  Моника Коцарева вели колекцијата е инспирирана од култот за Наполеон и идејата за моќта на модата како корисна и влијателна алатка за пропаганда.

Фотографии: „Ани и Дими“