Меѓународниот фестивал за графички дизајн и постери „Скопје постер“ годинава  прославува 10 години постоење. Фестивалот кој го има во фокус развојот на графичкиот дизајн ќе се одржи од 14 до 25 ноември во Музејот на град Скопје, а за одбележување на 10-годишнината покрај изложбите на постери ќе се одржи и конференција за графички дизајн и голем број работилници со реномирани светски дизајнери кои ќе се фокусираат на различни теми поврзани со графичкиот дизајн и ќе се обидат да ја активираат креативната сцена во државата.

Покрај главната изложба на постери која ќе биде поставена во Музејот на град Скопје ќе бидат презентирани и плакати и дела од минатогодишните победници, како и специјална изложба на дела од членовите на жири комисијата на фестивалот. Планирани се работилници за калиграфија и плакати, минималистички дизајн, работилница за кураторство и пишување критика за дизајн кои ќе се одржат во Хотел Парк и Спа во Градскиот парк. Пријавувањето за работилниците е во тек, а учеството е бесплатно. Повеќе информации за пријавувањето може да се најдат на веб страната skopjeposter.com/10.

Годинешни гости и членови на жирито се реномираните полски дизајнери Лекс Древински и Лех Мајевски, македонскиот дизајнер Иван Дургутовски, иранскиот графички дизајнер Реза Абедини, британската професорка и историчарка по графички дизајн  Алис Твемлоy, хрватите „This Town Needs Posters“ , платформа за дизајн  основана од двајца архитекти Свен Сориќ и Хрвоје Спудиќ, како и претседателот на организацијата позади фестивалот „Плакарт“, дизајнерот и екс директор на Музејот за современа уметност, Лазе Трипков.

Како загревање за фестивалот во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје веќе се поставени интересни „motion“ постери. Анимираните постери ќе бидат изложени на сите мултимедијални панели низ трговскиот како најава за 10-то издание на Скопје Постер. Моќните, анимирани плакати носат длабоки пораки, а се дела на  дизајнери од Полска, Австрија, Русија, Мексико, Унгарија, Иран, Македонија. Постерите се на актуелни општествени и глобални теми и целат кон тоа да ја разбудат свеста на посетителите за конкретни проблеми и случувања во светот денес.